X
 14.01.2026 Живот

Ова се просечните годишни температури во секоја земја во светот

На мапата подолу се прикажани просечните годишни температури на земјите и териториите низ светот. Податоците за визуализацијата се од Групацијата на Светска банка, базирани на климатолошките податоци од Единицата за климатски истражувања. Просечната годишна температура ја отсликува средната вредност на дневните минимални и максимални температури за секоја земја од 1991 до 2020 година.

Буркина Фасо е на врвот на глобалните рангирања со просечна температура од 30,4 Целзиусови степени. Меѓу најжешките земји во светот се Мали, Сенегал, Мавританија, Џибути и Гамбија. Шест од првите 10 најжешки земји се во Африка.

Тоа е така поради географијата. Големи делови од континентот се во близина на екваторот или во суви или полусуви климатски зони.

Надвор од Африка, неколку тропски островски нации и земји од Блискиот Исток исто така имаат конзистентно високи температури. Места како Аруба, Токелау, Тувалу и Курасао имаат годишен просек од 28-29 степени, додека земји како Катар, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати имаат слични температурни просеци.

Во овие региони има релативно мали сезонски температурни промени. Топлите океански води и пустинската клима помагаат просечните температури да бидат високи во текот на годината.

На другиот крај од листата се земји лоцирани на високи латитуди или со значителна поларна територија. Гренланд има најниска просечна годишна температура на -18,7 степени, по што следуваат Свалбард и Јан Мајен, Канада и Русија.



Европските земји генерално се во средината на рангирањето, со просечни температури меѓу 8 и 15 степени. Најтопли се Малта со просечна годишна температура од 20,06 степени, Кипар со 20,01, Гибралтар со 18,15 и Португалија со 15,85 степени.

Од балканските земји, најтопла е Грција со просечна годишна температура од 13,17 степени, по што следуваат Албанија со 12,44 степени, Хрватска со 11,96 степени, Турција со 11,66 степени, Србија со 11,40 и Бугарија со 11,35 степени.

Македонија се наоѓа на 185. место со просечна годишна температура од 10,79 Целзиусови степени.

Постудени од нашата земја на Балканот се Босна и Херцеговина со просек од 10,35 степени, Косово со 10,02 степени, Црна Гора со 9,93 и Словенија со 9,86 степени.

Извор: Visual Capitalist
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот