X
 27.02.2022 Култура

Запознајте ја уникатната кубанска култура преполна со траги од минатото

Островот во форма на крокодил некогаш бил т.н. американски остров за забава.

Во средината на минатиот век кубанските хотели, ресторани и казина често биле омилена дестинација за забава на Френк Синатра, Ернест Хемингвеј и Ава Гарднер.

Згора на тоа, споменатиот нобеловец не само што уживал во Куба туку и таму ги создал најпознатите дела, па не изненадува фактот што романот „Старецот и морето“ го напишал при престојот на имотот на Финка Вигија во близина на Хавана.

Иако често е погрешно сфатена, Куба денес ја надмина долгогодишната улога на аниматор на американската публика и претставува една од најпрепознатливите култури во светот.

И покрај фактот што некои Кубанци едвај го дочекаа отворањето на земјата кон светот, другиот дел сè уште чекаат промени и нови времиња кои ќе донесат напредок на Куба, а на жителите ќе им овозможат повисок животен стандард и подобри услови за живот.

Куба е место каде што се среќаваат шпанските, африканските и латиноамериканските културни влијанија, обединувајќи се во една единствена кубанска култура полна со разновидност, музика, ритам, гостопримство и траги од минатото. Без разлика на неволјите во животот и сиромаштијата што преовладува, она што секој ќе го каже за оваа земја е дека е полна со живот и заразен оптимизам.

1
Фото: Screenshot/YouTube

Царство на олдтајмери и рај за автостоперите

Секој што денес би се нашол во Куба веројатно би имал чувство дека е во некое друго време. Старите згради опстанале многу децении благодарение на честите реновирања за да траат што подолго, а автомобилите на патиштата би ги воодушевиле љубителите на олдјамери.

kuba
Фото: Freepik

Во отсуство на современа опрема и забрана за увоз на странски автомобили во земјата до 2011 година, локалните жители научија да се потпираат на одржување на старите автомобили. Бидејќи јавниот превоз во Куба речиси и да не постои, културата на автостоп е исклучително развиена и сите државни возила мора да застанат за секој автостопер. Тоа автоматски нè потсетува на времето на социјализмот на нашите простори и приказната за родителите кои патувале на море исклучиво со автостоп. Денес кај нас оваа практика е речиси изумрена, но убаво е да се слушне дека во некои делови од светот сè уште е жива.

2
Фото: Freepik

Мајстори на танцот и добрата забава

Освен што ќе се почувствувате како да запрело времето, во Куба ќе почувствувате како и животот да се одвива со побавно темпо. За разлика од нашиот брз живот, Кубанците не брзаат и не принудуваат некого да оди избезумено низ животот. Додека ние обично се нервираме, Кубанците ќе стојат мирно и ќе чекаат, а поголемиот дел од денот ќе седат на тремовите од своите куќи и ќе разговараат со минувачите. За Кубанците се вели дека се исклучително друштвени и насмеани, а таквиот став се базира на нивната животна филозофија, според која секој на улица се однесува како што би се однесувал во својот дом.

Бидејќи најголемиот дел од животот во Куба се одвива на улица, можеме да заклучиме дека нивното добро расположение и гостопримство не се само шоу за туристите, туку автохтон начин на живот. Покрај тоа, никогаш не е тишина на улиците, и секој дел од денот е придружен со музика и звуци на салса, регетон, румба и други музички стилови.

3
Фото: Screenshot/YouTube

Многу посетители на оваа земја се сведоци на сцените на улични танци на локалното население и разиграните минувачи кои со малку храброст и чашка рум доволно би се опуштиле и би се придружиле на танцот.

Среќата е во мали нешта

Без разлика што зад нивната насмевка понекогаш се крие тага и неостварени желби за подобар живот, Кубанците секогаш ќе се трудат со својот добар дух да го развеселат секојдневието. Ова не ги прави нечесни, всушност, ако можеме да бараме некој што среќата ја наоѓа во малите нешта, без разлика на сиромаштијата и социјалните превирања, тоа се Кубанците.

4
Фото: Freepik

Тие не се лажно оптимисти, туку се крајно рационални и свесни за својата историја, за политиките што управуваат со нивната земја и за последиците од таа политика.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура