X
 06.09.2021 Живот

Пензионер создаде музеј посветен на Југославија од предмети што ги собирал од 10-годишна возраст

Пензионерот Рато Смиjаниќ од Србија одлучил да ги изложи сите работи и предмети што ги собрал и чувал од својата десетта година во неговата семејна куќа, така што сѐ може да се најде таму - од игла до локомотива. Неговиот музеј опфаќа предмети од периодот 1950 - 1980 година.

- За време на вонредната состојба и коронавирусот, кога имав многу слободно време, решив да направам музеј. Сакав да го зачувам споменот на братството и единството бидејќи токму такво беше тоа време. Имавме црвен пасош, кој во тоа време беше најбаран во цела Европа. За него не постоеја граници, секој сакаше да го украде и присвои - вели Рато.

Познатата ЈНА беше еден од симболите на поранешна Југославија, така што на ѕидовите на музејот на Рато сликите од војската заземаат почесно место, и како што многумина сакаат да кажат, пријателствата траат до гроб.

- Со другар од војска, кој е муслиман од Тузла, се видов по повеќе од триесет години. Тоа се неописливи емоции. Ги чував и сите писма што ги напишав за време на воената служба и ги изложив во музеј. Тоа беше време што не познаваше граници и разлики. Сите бевме за еден и еден за сите. Среќен сум што живеев во тоа време, кое никогаш не може да се повтори - вели овој колекционер од Чачак.

тито
Фото: RINA

На полиците има илјадници експонати од областа на спортот, политиката, културата. Рато, исто така, ги зачувал сите копии на печатот, па можете да видите колку насловните страници на тогашните весници се разликуваат од денешните. Немало црни хроники, старлети, криминалци - туку афирмативни информации со позитивна енергија и дух на заедништво.

- Го зачував и мојот извештај, кој покажува дека мојата плата тогаш била 140.000 динари, а билетот за кино чинел 1,5, динар. Јасно ви е колку се различни цените денес. По работата во фабриката, поправав телевизори. Имам и неколку експонати. Тогаш детето можеше да го удри екранот на телевизорот со топката и ништо да не му се случи, особено ако телевизорот беше направен во Ниш. Денес, овие новиве со тенки екрани, ако удри мува на екранот, целиот телевизор оди во неповрат - вели Рато.

Дека духот на старата Југославија сѐ уште е жив меѓу многумина, најдобро докажува големиот интерес за неговиот музеј. Штом се прочу дека спомените од некои стари времиња се чуваат на едно место во Чачак, многу патници доаѓаат во музејот на Рато, и од Србија и од странство.

- Дојдоа од Словенија, Шпанија, Грција... секоја изложба им е интересна и на многумина им измамува насмевки, но и солзи. Чувствата се измешани, бидејќи се среќни што живееле во тоа време, но и тажни затоа што сето тоа помина и никогаш нема да се врати - вели Рато.

За Рато се вели дека е еден од „југоносталгичарите“ од овие простори и тој навистина го потврдува тоа. Часовникот што се наоѓа на влезот во музејот е застанат точно на три часот и пет минути, кога почина таткото на сите југословенски народи и националности - другарот Тито.

Извор: B92.net
Фото: Rina
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот