Ширењето на коронавирусот предизвика многу факултети и универзитети да ги затворат своите згради и да ги откажат турите низ градбите што редовно се одржуваат. Но и покрај тоа, имате можност да дознаете многу за овие училишта и да се прошетате низ нивните кампуси на
виртуелен начин.
Бостонски колеџ
И покрај неговото име, овој факултет не се наоѓа во Бостон. Главниот кампус во Честнат Хил е изграден во готски стил. Преку интернет може да ги видите зградите, спортските терени и кафетериите. Исто така, може да видите многу видеа снимени од студентите на факултетот.
Бостонски универзитет
Универзитетот е дом на еден од најголемите студентски домови во државата. Кампусот располага со големи зелени површини по должината на реката Чарлс. Архитектурата на универзитетот е разновидна, од современи кули до историски згради.
Универзитет „Браун“
Поради престижниот углед, тешко е да се влезе на овој универзитет. Кампусот во Роуд Ајленд вклучува згради изградени од црвена цигла и се наоѓа на прекрасна локација на врв на рид.
Фото: Универзитет „Корнел“/Pixabay
Универзитет „Корнел“
Уште еден престижен универзитет лоциран во централниот дел на Њујорк. Универзитетот има направено професионално видео преку кое може да ги посетите неговите згради. Можете и да ја погледнете интерактивната мапа со слики и информации за локации кои се наоѓаат во близина на кампусот, на пример, езерото Кајуга.
Универзитет „Дјук“
Лоциран во Северна Каролина, кампусот на овој универзитет вклучува своја шума и медицински центар. Добро е познат поради камената готска архитектура. Познатата капела во рамките на универзитетот се издига над 60 метри.
Универзитет „Харвард“
Поради репутацијата на најпрестижен и најценет универзитет, „Харвард“ е најверојатно најчесто сниман и фотографиран факултет во САД. Универзитетот, кој се наоѓа во Кембриџ, нуди интересен микс на историски и модерни простории.
Фото: Универзитет „Харвард“/Pixabay
Универзитет „Њујорк“
Овој универзитет ќе им се допадне на сите што го сакаат Њујорк. Кампусот е навистина урбан, така што не очекувајте многу зеленило и ридови. Универзитетот ја користи оваа локација за да создаде можности за сите студенти што студираат разни насоки, од бизнис до уметност.
„Пен Стејт“
Со повеќе од 46.000 студенти, главниот кампус на „Пен Стејт“ е всушност еден мал град. Кампусот има своја поштенска адреса, каде што универзитетот е единствена установа во овој рурален дел од државата. Со 18 факултети, 275 студентски програми и над 1.000 клубови и организации, навистина има што да видите на оваа тура.
Универзитет „Стенфорд“
Универзитетот е лесно препознатлив по неговата архитектура. Онлајн може да најдете голем број виртуелни тури со кои може да прошетате низ градините на кампусот.
Фото: Универзитет „Стенфорд“/Pixabay
Универзитет „Темпл“
Овој универзитет се наоѓа во Филаделфија. Во визуелните тури може да ја видите и новата доизградена предавална, која беше отворена во 2013 година.
Универзитет на Калифорнија во Лос Анџелес
Кампусот кој се наоѓа на само неколку километри од Тихиот Океан и Холивуд е познат по привилегиите што ги нуди локацијата и можностите за студентите.
Универзитетот на Калифорнија во Санта Барбара
Студентите што ги сакаат песокот и сонцето (како и доброто образование) ќе бидат привлечени од овој универзитет. Ова е еден од неколкуте универзитети што располагаат со сопствена плажа. Главниот кампус се наоѓа на рид кој гледа кон Тихиот Океан.
Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего
Универзитетот често е на листата со најдобри државни универзитети во САД, а близината на плажата е дополнителен бонус. Иако е опколен со природа, кампусот е нарекуван најгрдиот факултет поради миксот од архитектски стилови.
Фото: Универзитет „Јејл“/Pixabay
Универзитетот во Мичиген
Со над 500 згради, универзитетот е исполнет со голем број дестинации за прошетка. Јужниот дел на кампусот е наменет за спортските површини, а централниот и северниот дел се за предавалните и студентските соби.
Универзитетот во Пенсилванија
Лоциран во западна Филаделфија, тој изобилува со богата историја која датира од времето на Бенџамин Френклин. Иако доминира историскиот готски стил на кампусот, дополнителните згради што се градат се во целосно современ стил.
Универзитет на Јужна Калифорнија
Атрактивниот кампус кој се наоѓа во Лос Анџелес има голем број згради што биле изградени во времето на романтизмот.
Универзитетот во Вирџинија
Универзитетот во Вирџинија има богата историја која датира од нејзиното основање од страна на Томас Џеферсон на почетокот на 19 век. На кампусот се изложени архитектонски дела, вклучувајќи ги капиите со столбови и влезовите свиткани во облик на лак.
Универзитет „Вандербилт“
Приватниот универзитет во Тенеси се смета за најубавиот факултет во САД. Кампусот е исполнет со дрва и зелени површини, а зградите се дизајнирани во разни архитектски стилови.
„Вирџинија Тек“
Речиси целиот кампус е изграден од познатиот сив камен кој бил ископан во близина на Универзитетот во Блексбург. Институцијата е дизајнирана во близина на големо поле со трева каде што се извршуваат воени вежби.
Универзитет „Јејл“
Историскиот кампус на „Јејл“ е украсен со згради од готскиот период. Исто така, може да најдете уникатни архитектонски зданија, како што е библиотеката која е изградена од мермер и надворешни панели од гранит.
Автор: Ален Гров
Извор:
thoughtco.com