Откажани се стотици летови во Диселдорф, Штутгарт, Берлин, Бремен, Хамбург, Франкфурт, Минхен и други германски градови во текот на оваа работна седмица. Патниците најмногу ќе бидат погодени денеска, 27 март, кога се планира масовен штрајк од страна на работниците во авионските компании, но и другите превозни компании во Германија.
Штрајкот е организиран од работничката унија „Вер.ди“, а се бараат повисоки плати кои ќе одговараат на високата инфлација и зголемените трошоци за живот. Штрајковите продолжуваат со недели бидејќи компаниите не ги прифаќаат барањата на работниците. Претходно годинава беа организирани повеќе штрајкови на различни аеродроми, а унијата сега се надева дека еднодневен масовен штрајк во најголемите аеродроми во земјата ќе ги забрза преговорите.
Кои се шансите да успеете да летате на аеродром во Германија оваа седмица?
Шансите се мали, но не и невозможни. Претходните седмици многу летови продолжиле да функционираат во аеродромите во кои се организирале штрајкови. Меѓутоа, штрајковите довеле до зголемено време за чекање и одложувања.
Што да правите доколку вашиот лет е откажан?
Авионската агенција би требало да преземе мерки за да ве контактира и да ве извести дека се очекува откажување на вашиот лет. Редовно проверувајте ги електронската пошта, апликацијата на авионската компанија или вашите пораки. Може да ја проверите и веб-страницата на компанијата или нејзините социјални мрежи.
Авионската карта за лет кој е откажан би требало да ви биде рефундирана доколку компанијата не може да ви најде друг лет. Осигурителните полиси често се нејасни во случај на штрајкови, но проверете ја вашата за да видите дали може да добиете отштета.
Што друго треба да знаете?
Доколку патувате во Германија оваа седмица, очекувајте одложување и на автобусите, трамваите и возовите поради штрајковите. „Дојче бан“ веќе ги откажа возовите за долги релации, а може да бидат погодени и други компании. Можно е штрајкот да продолжи и во следните денови.
Извор:
The points guy
Насловна фотографија: Pixabay