Ги обожавам аеродромите. Сакам да ги гледам луѓето од целиот свет кога се на аеродром затоа што имам чувство како да имаме заедничко исчекување со сите тие странци. Ми недостасува таквото чувство и ми недостасува да летам некаде, но навистина сум нервозна кога треба да патувам за време на коронавирусот - не само за безбедноста туку и за искуството. Знам дека и сега можам да се качам на авион, но дали ќе биде забавно или нервозно искуство? Пред да дознаам од прва рака, решив да разговарам со некои луѓе кои веќе искусиле авионско патување за време на оваа пандемија.
- Влегувањето на аеродром за првпат по три месеци со ракавици и маска за лице дефинитивно не беше искуство што мислев дека ќе го доживеам кога ги планирав патувањата за 2020 година - раскажува 23-годишната Пејџ Брајан. Брајан вели дека таа и нејзината помлада сестра за брзо време ја поминале управата за транспортна безбедност и се чувствувале безбедно што повеќето луѓето на аеродромот „Фор Лодердејл“ носеле маски. Бримингем, нејзината дестинација, била друга приказна.
- Забележав помалку луѓе со маски, и покрај прописите. Се чувствувавме неверојатно непријатно да се биде еден од ретките луѓе што носеа маски, како да правевме нешто лошо обидувајќи се да се заштитиме - вели Пејџ.
- Летав од Шпанија до Холандија минатиот месец, додека Шпанија беше целосно затворена.
Аеродромот беше чудно тивок - вели 34-годишниот Сан Веселман од Хаг, Холандија. Неговиот лет бил единствениот лет тој ден, а сите патници држеле растојание едни со други, сè додека не дошол моментот да се качат на авионот.
Соодветно растојание не било можно откако се качиле на авионот бидејќи бил полн, а Веселман вели дека бил изненаден поради недостатокот на мерки за безбедност.
- Забележав шишиња од средство за дезинфекција на рацете кога минувавме и од нас беше побарано да одржуваме растојание, но тоа беше тоа. Немаше прашања за нашето здравје и не ни беше мерена температура - вели тој.
- Пред да се качиме на летото на Меѓународниот аеродром во Дубаи, сите моравме да направиме тестови - вели 36-годишниот Филип Вајс од Портланд кој моментално е во карантин во Лондон. Вајс е дигитален номад и работел од Тајланд кога се појавила пандемијата. Летал преку Дубаи за да стигне до Лондон. Неговиот тест бил негативен, и тој вели дека се чувствувал побезбедно што знаел дека сите патници на авионот биле тестирани.
Фото: Unsplash
Процесот на пристигнување во Лондон бил долг.
- Како Американец, обично не ме прашуваат многу прашања на царина, во било која земја, особено не во Велика Британија. Но, овој пат, царинскиот службеник ме испрашуваше за мојата историја на патувања. За жал, за мене беше потребно подолго време за интервјуто затоа што во последните месеци бев во неколку држави - раскажува Вајс.
Додека празните аеродроми може да изгледаат депресивно, неколку луѓе ми рекоа дека кога аеродромот е помалку полн, се чувствуваат помалку под стрес.
- Помалку луѓе за мене значеше помалку изложеност на ризик од вирусот - вели 31-годишната Кристина Ванг од Сан Франциско. Ванг морала да патува во Далас за да му помогне на член од семејството.
- Се чувствував безбедно и немав директен ризик од зараза - вели таа. Нејзиното пандемско патување било чудно, но не особено извонредно.
- Обично патувањата ми се полни со возбуда и исчекување, но овој пат повеќе се јави чувство на стрес и загриженост - вели таа.
Некои патници биле загрижени поради одлуките што ги донесувале други пациенти.
- Бев доста вознемирена поради бројот на луѓе што одеа во тоалет за време на мојот лет. Некои од истите луѓе одеа повеќе пати. Во вакво време, треба да го минимизираат шетањето - вели 26-годишната Исабела Перисико.
Намалените распореди на летови на авиокомпаниите исто та аигра улога во тоа колку е удобно летањето во моментов.
- Авиокомпанијата со која летав го откажа секој втор директен лет за Њујорк тој ден, така што чувствував дека сите луѓе чиј лет беше откажан дојдоа на мојот лет - вели Перисико. Прво ѝ било доделено средно седиште, но таа побарала да се промени пред да се качи во авионот.
- Можеше да се каже дека постои вознемиреност за време на летот, бидејќи повеќето луѓе седеа до други патници - раскажува таа и додава дека стујардесите се обидувале да го кренат расположението делејќи торбички со грицки и марамчиња.
Приказните на луѓето дефинитивно одговорија на некои од прашањата што ги имав во врска со летовите. Дали е возможно да се лета? Да. Дали е безбедно? Буквално никој не знае. Дали чувството е пријатно? Веројатно не, освен ако високиот стрес и тестовите се ваша идеја за забава.
Автор: Трејси Ан Данкан