X
 27.03.2024 Наука

Играњето видеоигри е поврзано со зголемен ризик од еректилна дисфункција

Во неколку претходни епидемиолошки и набљудувачки студии еректилната дисфункција веќе беше поврзана со седентарниот начин на живеење.

Сепак, толкувањето на таквите резултати е тешко поради можните обратни предизвикувачи, па група кинески научници одлучиле да ги истражат причинско-последичните врски помеѓу неколку форми на такви активности и проблемите со постигнувањето ерекција.

Нивната студија е спроведена според принципот на Менделова рандомизација, односно мерење на варијации во гените, што може да ги објасни моделите на одредени евидентирани последици. Биле земени предвид веќе достапните податоци за испитаниците кои се занимаваат со некои од седечките активности - гледање телевизија, користење компјутер и возење автомобили. Овие податоци се во корелација со оние за еректилната дисфункција и лачењето машки полови хормони (тестостерон, фоликуло-стимулирачки хормон итн.), како и психијатриските симптоми како депресија и анксиозност.

Анкетата опфатила повеќе од 220.000 испитаници, а анализата на податоците открила изненадувачки резултати. Поголемиот ризик од еректилна дисфункција е статистички значајно поврзан со генетските предиспозиции за долготрајна употреба на компјутери во слободно време, што првенствено се однесува на играње видеоигри. За секои 1,2 часа што мажите ги поминуваат на компјутер дневно, шансите за развој на симптоми на еректилна дисфункција се зголемуваат дури 3,57 пати.

Уште поинтересно, студијата не обезбедила статистички докази за истата поврзаност со ризикот од гледање телевизија или возење. Употребата на компјутер, исто така, не била статистички значајно поврзана со депресијата или анксиозноста.

Лекот е физичката активност

- Продолжената рекреативна употреба на компјутер ја зголеми веројатноста за развој на еректилна дисфункција, која може да биде поврзана со пониски нивоа на фоликуло-стимулирачки хормон. Улогата на васкуларните болести и психолошките нарушувања во развојот на еректилната дисфункција не треба да се потценува - велат авторите на студијата објавена во научното списание „Андрологија“, истакнувајќи дека умерената физичка активност може да помогне да се поправи дисфункцијата.

Студијата не покажува дефинитивна причинско-последична врска помеѓу играњето игри и еректилните проблеми, но односот помеѓу двата феномени е во позитивна корелација. Тоа може да се протолкува како предупредување за оние мажи што поминуваат многу време на компјутер, да бидат физички активни за да не го зголемат ризикот од несаканиот „машки проблем“.

Извор: Bug.hr

Фото: Pexels

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука