X
 27.04.2019 Живот

Вистинската приказна за генијот од филмот „Добриот Вил Хантинг“

Приказната за филмот „Добриот Вил Хантинг“ е дека еден професор од Институтот за технологија во Масачусетс на своите студенти им дал тешка задача која ја запишал на таблата пред неговата канцеларија. Вил Хантинг бил 20-годишен служител на универзитетот, со проблематичен живот, но самоук гениј за математика, а за оваа негова способност не знаел никој. И додека никој не гледал, Хантинг на таблата ја решил задачата. Потоа, професорот на таблата напишал уште потешка задача.

Овој пат случајно наишол на 20-годишниот служител додека ја решавал задачата. Професорот помислил дека тој му ја чкрта таблата, па почнал да му вика. Вил не му одговорил, па професорот повторно го повикал, овој пат кажувајќи го неговото име. Вил побегнал, а кога професорот се вратил, сфатил дека Вил ја решил задачата.

vil
Фото: Youtube

Сцената е земена од урбана легенда за која до филмот снимен во 1997 година мал број луѓе се сеќавале дека настанала пред точно 80 години, во 1939 година врз основа на вистинската легенда за Џорџ Бернард Данциг, кој подоцна ќе влезе во историјата како создавач на симплекс алгоритамот за решавање линеарно програмирање и други важни статистички проблеми. Она што навистина се случило во 1984 година го објаснил Данциг во канцеларијата на Универзитетот „Стенфорд“ за време на интервјуто со Доналд Робертс.

Во текот на интервјуто Данциг раскажал дека додека студирал на Универзитетот „Беркли“ кај професорот Јержи Нејман, задоцнил на час.

- На таблата беа напишани две задачи за кои помислив дека ги даде како домашна. Ги препишав. Неколку дена подоцна му кажав на Нејман зошто ми требаше толку долго време да ја решам задачата, бидејќи беше потешка од вообичаеното. Го прашав дали сè уште сака да му ја дадам задачата. Ми рече да ја оставам на масата - се потсетува Данциг.

Раскажува дека се колебал дали да ја остави задачата бидејќи масата била преполна со книги и хартии и се плашел да не биде изгубена засекогаш. Наредните шест недели не добил никаков повик од професорот. Но, една недела во осум часот наутро:

- Ана и јас само што се пробудивме кога слушнавме како некој тропа на вратата. Беше Нејман. Влезе со задачата во рацете, возбуден: - Само што напишав вовед за едно од твоите дела. Прочитај го за да можам да го испратам на печатење. Немав поим за што зборува. Но, да скратам, проблемите на таблата што ги решив мислејќи дека се домашна задача, всушност беа два познати, но никогаш решени проблеми од статистиката - раскажува Данциг.

Испаднало дека неговиот случај станал популарен неколку години подоцна благодарение на свештениците, кои ја искористиле неговата приказна како добар пример на христијанските богослужби. Меѓутоа, Данциг не знаел ништо за ова. Подоцна му текнало дека додека летал со авион, сопатник му бил лутерански свештеник на кој му ја раскажал приказната со задачите. На свештеникот приказната му била интересна, па неколку месеци подоцна му испратил писмо барајќи од него дозвола да ја вклучи анегдотата во неговата книга за моќта на позитивното размислување.

- Свештеникот објави верзија што беше малку претерана, но суштински точна. Моралната лекција беше оваа: да знаев дека задачата не е за домашна, туку дека станува збор за два славни никогаш решени проблеми од статистиката, веројатно не би мислел позитивно, па би бил обесхрабрен и никогаш не би ги решил.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот