X
 27.04.2020 Економија

Што мислат најбогатите луѓе за криптовалутите и блокчејн-технологијата?

Во последниве години блокчејн-технологијата и криптовалутите направија разлика во многу делови од економијата и финансиите. Се претпоставува дека допрва ќе ги гледаме промените во многу индустрии и дека ова е само почетокот.

Сепак, и покрај големиот ентузијазам за криптовалутите и блокчејн-технологијата, како и нивниот потенцијал да го сменат начинот на кој го гледаме светот, многу од најбогатите индивидуалци денес имаат измешани мислења на оваа тема. На пример, Ворен Бафет го критикува биткоинот, додека има некои што го поддржуваат.

Џеф Безос

Џеф Безос е најбогатиот човек на светот со над 130 милијарди долари. Постојат шпекулации дека основачот на „Амазон“ инвестирал во биткоини, но тие не се потврдени. Компанијата „Амазон“ одбива планови за прифаќање криптовалути на својата платформа. Единствениот позитивен развој е соработка на една компанија на Безос со стартап за блокчејн-технологија наречен „Калеидо“.


Фото: Pixabay

Бил Гејтс

Се претпоставува дека Гејтс „тежи“ 100 милијарди долари. Во 2014 тој покажал ентузијазам за биткоини во едно интервју за „Блумберг“, но оттогаш се премислил и ги поништил своите поранешни изјави изјавувајќи дека анонимноста на дигиталните валути не е добра за трансакциите. Во едно интервју од 2018 г. Гејтс изјавил дека криптовалутите како биткоинот се шпекулативни, иако додал дека блокчејнот има некои добри страни.

Ворен Бафет

Бафет долго време ги критикува биткоинот и криптовалутите. Сепак, за него се вели дека е отворен за новите технологии, иако Бафет тврди дека не поседува криптовалути и дека никогаш нема да ги поседува бидејќи немаат вредност.

Бернард Арно

Неговата бизнис-империја има над 70 бренда, меѓу кои и „Сефора“ и „Луи Витон“. Арно јавно не коментирал за блокчејн-технологијата, но според шпекулациите, работел на блокчејн-платформа за производите на неговата модна компанија. Според други извори, Арно еднаш одбил да биде дел од основањето на белгиска компанија за криптовалути.

Лери Елисон

Елисон е еден од основачите на „Оракл“. Тој „тежи“ над 50 милијарди долари. Тој јавно го изнесува своето позитивно мислење за поволностите на блокчејн-технологијата.


Фото: Pixabay

Марк Закерберг

Многумина беа загрижени откако „Фејсбук“ ја претстави својата криптовалута наречена либра. Сепак, и покрај грижата дека либрата ќе ги победи сите криптовалути, тоа не се случи. Закерберг има позитивно мислење за блокчејн-технологијата. Во 2018 г. тој изјавил дека технологијата зад биткоинот може да го подобри „Фејсбук“ во иднина.

Мајкл Блумберг

Освен што е еден од најбогатите луѓе во светот, Мајкл Блумберг моментално е во трка за претседателски кандидат на Демократската партија за претстојните избори во САД. Блумберг има позитивно мислење за криптовалутите и блокчејн-технологијата. Тој изјавил дека криптовалутите вредат милијарди долари, иако не се доволно развиени. Иако ветуваат многу, биткоините и криптовалутите се поврзуваат и со многу измами и криминал, изјавил тој.

Илон Маск

Неодамна Илон Маск беше во центарот на дебатите за биткоинот. Сепак, тој открил дека кога станува збор за оваа криптовалута, тој е „ни ваму - ни таму“. Тој ја препознава вредноста на биткоинот, но смета дека најчесто се користи за нелегални трансакции. Може да ги замисли криптовалутите како замена за парите, но не целосно. Тој не ги поддржува комплетно криптовалутите иако признава дека треба да се очекуваат промени во финансиската индустрија и особено треба да внимаваат банките.

Извор: cointelegraph.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија