Неколкумина уметници, блиски соработници и пријатели на Горан Стефановски, снимија видео во кое го одбележуваат 68. роденден на големиот драматург. Емотивни сведоштва на неговиот брат – музичарот Влатко Стефановски, режисерот Слободан Унковски, драматургот Дејан Дуковски и актерите Благоја Чоревски и Јовица Михајловски автентично ги доловуваат духот и харизмата на Горан. Актерот Драган Спасов-Дац чита и монолог од неговата драма „Огнени јазици“.
На денешен ден пред 68 години во Битола е роден Горан Стефановски. Состојбата предизвикана од кризата со коронавирусот го спречи одржувањето на собирот по повод роденденот на еден од најголемите македонски драматурзи чии дела се длабоко вкоренети во културниот идентитет на земјава. Настанот требаше да се одржи во неговото омилено Дебар Маало, а меѓу другото, Општина Центар и неговото семејство планираа и поставување клупа со седечка скулптура на Горан Стефановски. За жал, затворањето на границите спречи клупата да пристигне од Англија, така што таа ќе биде поставена кога ќе се создадат соодветни услови за тоа.
Стефановски почина на 27 ноември 2018 година, во Кентербери, Англија. Автор е на триесетина драмски текстови, меѓу кои: Јане Задрогаз, Диво месо, Лет во место, Хај-Фај, Дупло дно, Тетовирани души, Црна дупка, Демонот од Дебар Маало... Беше дел од тимот што ја создаде легендарната ТВ-серија „Бушава азбука“. Стефановски беше професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје и член на Македонската академија на науките и уметностите. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди и признанија.