Спомен-домот на Тоше Проески на Гумење во Крушево со повеќе манифестации утре ќе потсети на роденденот на нашата и балканска голема музичка ѕвезда - Тоше Проески. Да беше жив, Тоше ќе наполнеше 43 години.
- Во програмата со различни настани ќе се обидеме да ги доловиме сите нишки од неговиот карактер и неговата душа. Денот 25 јануари е врежан во срцата на сите нас, кои го сакаме Тоше, ја слушаме неговата безвремена музика и со насмевка, но и со тага во очите ги гледаме неговите фотографии, неговите награди, неговата облека и личните предмети кои се наоѓаат во неговиот дом – Спомен-куќата на Гумење во Крушево. Во 1981 година, на 25 јануари, се роди нашиот музички ангел, вели Лефкија Гажоска, директорка на Спомен-домот „Тодор Проески“ во Крушево.
Роденденот на Тоше и сеќавањето за него и неговото дело утре почнува со хуманитарна крводарителска акција која ќе трае до 16 часот во просториите на Спомен-куќата, а во организација на Црвениот крст од Крушево.
Во 11 часот и 15 минути, времето на неговото раѓање, присутните, претставници од институции и поддржувачите на Тоше, најавени дека ќе ги има од многу места, ќе положат букет свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште, на Гумење. Во 12 часот во Спомен-домот ќе биде отворена хуманитарно-продажната ликовна изложба со наслов „Срце није камен“ на стилистот и уметничка душа Светлана Зуламоска. Нејзините дела со ликот на Тоше и пригоден текст се насликани на камени плочи со акрилни бои, а целта на изложбата е собраните средства од продажбата на овие уникатни и оригинални ликовни изблици да се донираат за лекување и терапија на малиот Војдан Спасовски.
Дека Тоше е инспирација за младите уметници, ќе потврди и промоцијата на видеоспот на Јана Мрческа, на рефрени на песни на Тоше. Јана е родум од Прилеп, ученик во средното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје и иако не била родена во времето кога Тоше го достигна зенитот на својата музичка кариера, неговите песни се нејзина инспирација за самостојни проекти.
- Утре од 13 часот ќе се одржи традиционалниот музички перформанс „Ангел си ти“. Македонската вокалистка Ивона ЈО во придружба на нејзиниот бенд В2В ќе исполни десетина нумери од богатата музичка ризница на Тоше. Во неговиот Спомен-дом ќе одекнат: „Тајно моја“, „Срце није камен“, „Ангел си ти“, – рефрени кои сè уште ги пееме со радост и низ солзи - објаснува Гажоска.
Обожавателите на Тоше на Балканот ќе имаат можност преку телевизискиот канал Прва ТВ да го проследат документарниот филм кој авторката Катарина Миловановиќ го сними во Крушево во 2023 година. Копија од овој филм, со превод на македонски, авторката ќе донира во Спомен-куќата. Премиерата и промоцијата на овој документарец ќе бидат в петок, на 26 јануари во 19 часот во салата на Младинскиот културен центар во Крушево.
Спомен-домот „Тодор Проески“ е меѓу најпосетуваните музеи. Досега го посетиле над 1,1 милион гости од земјава, Балканот и од светот. Спомен-домот има 660 експонати врзани за животот и делото на Тоше Проески, главно дарувани од неговото семејство, а во моментот се изложени околу 350. Другите се чуваат во депото на Музејот и поставката се обновува со дел од нив.
Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка, Хрватска.
Извор: МИА