Мариа има план да направи зелен центар за рехабилитација на лицата со посебни потреби бидејќи верува дека тоа е најдобриот начин да предизвика насмевки на нивните лица, но и да ја поттикне нивната самодоверба дека и тие можат да бидат продуктивни во општеството. Нејзината идеја се состои во комбинација на дружења со животни и поттикнување на активности преку кои овие лица ќе можат да ја развиваат својата креативност
Животниот предизвик на младата Мариа Дуда Дибиаџио, по потекло Македонка, која долги години живеела во Америка, е да биде креатор на позитивни приказни. Одлучила да им овозможи поддршка на лицата со посебни потреби за ја почувствуваат шансата за свој придонес во општеството. За целата оваа идеја било доволно професионалното знаење, искуството од државите што ги посетила, желбата да помогне и сето ова да го смести на својот имот на село, како место на кое лицата со посебни потреби ќе заборават на излолираноста и ќе ја почувствуваат атмосферата на социјализација.
Мариа има план да направи зелен центар за рехабилитација на лицата со посебни потреби бидејќи верува дека тоа е најдобриот начин да предизвика насмевки на нивните лица, но и да ја поттикне нивната самодоверба дека и тие можат да бидат продуктивни во општеството. Нејзината идеја се состои во комбинација на дружења со животни и поттикнување на активности преку кои овие лица ќе можат да ја развиваат својата креативност.
Пораснала во Крива Паланка, во самиот град, но секое лето со брат ѝ го поминувала на село. Уште тогаш, како што вели таа, „позајмувала“ коњи и магариња кои биле врзани на полињата за да ги јава, а потоа ги враќала.
Токму љубовта кон природата и животните ја поттикнала да го трансформира својот имот во селото Опила, Општина Ранковце, за рехабилитација на лица со посебни потреби, за нивна анимација и социјализација со помош на животните.
Засега нејзиниот имот од 2.000 квадратни метри е во процес на проширување и на градење базен за пливање, како и канал за пливање со коњите. Во него ќе има реквизити за вежби, простор за игри и дружење, а воедно и за храна.
Терапија со пливање со коњи и дружба со животни
Мариа смета дека во Македонија пристапот кон луѓето со посебни потреби е на многу лошо ниво. Вели дека нивните родители немаат доволно поддршка, едукација, но немаат ниту сили за промени.
Затоа, со ваков центар би се придонело за рушење на стереотипите за луѓето со посебни потреби, зашто секаде во светот тие се интегрирани во општествата и почитувани.
- Имам пријатели што имаат деца со посебни потреби и навистина немаат доволно поддршка за активности на своите деца. Според моето искуство, а и според практиката на многумина од другите земји низ светот, многу популарно е користењето на животните за емотивна поддршка кај луѓето. Дури доктори во Америка го препишуваат како терапија. Кај нас, за жал, состојбата е поинаква - вели Мариа.
Нејзината замисла е да создаде центар каде што секој родител ќе може да дојде со своето дете и ќе биде дел од терапијата со животните што ги одгледува, а кои претходно го спасила таа.
Мариа би сакала оваа можност за луѓето да биде бесплатна, а центарот би бил одржлив преку одржување семинари на невладини организации, јога-сесии, како и со простории за спиење.
- Имам четири кучиња, шест мачки и два коња, а наскоро ќе има и ждребе. Кај мене сите животни се навикнати на луѓе, но и навикнати се да живеат заедно. Можете да видите како маче седи на грбот на коњот, но и како мачињата и кучињата спијат заедно - низ смеа вели таа.
Во план и е изградба на канал за пливање заедно со коњите, нешто што сè уште не постои во земјава, а според Мариа, е одлична терапија за оние што имаат повреди на одредени делови од телото, но и влијае врз нивната психолошка состојба.
- Пред две години во Африка пливав со коњи и чувството беше преубаво. Секое животно има добар ефект врз нас, луѓето, но само кога сме отворени за промени. Коњите се животни со изострени вибрации и инстинкти и затоа се препорачуваат за лица со аутизам, депресија, панични напади, церебрална парализа и слично. Животните се исклучителни терапевти, а тоа и лично го осетив, па затоа сакам да им биде достапно на оние на кои им е потребно - додава Мариа.
Центар што ќе создава друг свет
Смета дека луѓето со посебни потреби често живеат изолирани, па така во центарот би биле во сосема друг свет.
- Главниот мотив и она што ме турка напред е неправдата што често им се нанесува на оваа категорија луѓе. Сите ги сожалуваат, а никој не им дава шанса да бидат дел и да дадат свој придонес во општеството. Верувајте, тие сакаат да дадат свој удел и сакаат да им се даде шанса. Сакам да ги видам, не само промените и едукацијата на овие луѓе, туку и на сите оние што имале поинакво мислење за нив. Знам дека ова што го правам ќе има позитивни ефекти - вели Мариа.
Таа е дипломиран професор по физичка култура, но сè уште нема сертификат за работа со лица со посебни потреби. Наскоро планира да се доедуцира во Америка. Но, дотогаш двајца професионалци оттука ќе работат со овие лица.
Според неа, природата и животните на сите им го олеснуваат животот, а дополнително со пандемијата, смета дека луѓето се освестиле за нејзината важност.
Во центарот ќе има и дел кој ќе може да се користи за организациите што се борат за правата на жените.
- Мојата замисла е соработка со организации, амбасади и организирање центар за поддршка на жени кои поминуваат низ разни фази во животот.
Хуманоста ѝ е предизвик
Мариа веќе шест години има сопствен бизнис за производство на спортска облека, односно облека наменета за маратони и за трки. Интересно е што таа облека е изработена во јаки флуоресцентни бои. Но, покрај тоа, таа дизајнира облека и за слепите лица. Во 2018 година победила на натпреварот за зелени идеи, со идејата за создавање облека за лица со посебни потреби.
Уште кога ја основала компанијата во Македонија, а подоцна и во Њујорк, сакала дел од средствата да бидат донирани за спортски настани за маргинализирани групи граѓани, па така ја создала и невладината организација „Пинк Суппорт Мк“.
Нејзината хуманитарна мисија не е нешто ново и непознато за неа. Таа уште како студентка волонтирала во Сојузот на слепите, каде што им читала книги за испити на тогашните студенти.
- Во 2014 година ја направив Розовата трка за поддршка на слепите ученици во Скопје. Потоа секоја година имавме таргет-групи на кои им ја посветувавме секоја трка. Во Њујорк го презентиравме филмот за Гоце Радески - „Приказна за мојот живот“. Гоце е првата личност со оштетен вид со која сум се запознала. Неговиот дух и позитивноста се нешто што отсекогаш ме фасцинира - додава Мариа.
Фото: приватна архива