Иако е мал, главниот аеродром на Алјаска, во Енкориџ, кој се наоѓа на еднаква оддалеченост од Њујорк и Токио, во последно време доби неочекувано поголема важност.
Сега тоа е најфреквентниот аеродром на светот, макар само во сабота.
- Сабота е фреквентен ден поради карго-операциите, тоа ни е главен извор на приходи, но сабота е најбавен ден кога станува збор за патничките летови. Така на пример, на 2 мај имавме 744 лета. Чикаго тој ден имаше 579, а Атланта 529 - истакнува директорот на аеродромот Џим Сезнијак.
Според Здружението на меѓународните аеродроми, кое годишно објавува извештај за најфреквентните светски аеродроми, авионскиот сообраќај опаднал за повеќе од 90 отсто поради пандемијата на новиот коронавирус.
Аеродромот во Енкориџ на кратко ја презеде титулата најфреквентен светски аеродром на 25 април. Во нормални времиња овој аеродром е петти најангажиран аеродром кога станува збор за товарен сообраќај.
- Воочивме зголемена побарувачка за карго капацитетот. Тоа е затоа што многу нешта кои се потребни за борба против пандемијата во Северна Америка се произведуваат во Азија - вели Сезнијак.
Енкориџ едноставно ја користи географската поставеност - на 9,5 часа летање од 90 отсто од индустријализираниот свет, како што објаснуваат од аеродромот.
- Локацијата која е буквално на врвот на светот овозможува авионите да летаат преку врвот на Земјата за да го скратат времето на патување - вели Сезнијак и додава дека предноста на овој аеродром е што авионите можат да летаат со половина наполнет резервоар, да слетаат во Енкориџ и да дополнат гориво и потоа да продолжат со патувањето.
Аеродромот во Енкориџ му служи на град со 300.000 жители.
Насловна фотографија: Unsplash