Доколку за време на полициски час ви е потребна лекарска помош, нема потреба да се јавувате на 192 или да барате дополнителна дозвола, туку треба само да се упатите до најблиската болница, информира дополнителната заменичка-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска, на последната видеосесија на Владата - „Ковид-19, прашања и одговори“.
Едно од прашањата што беа отворени се однесуваше на потребата на граѓаните од лекарска помош за време на полициски час.
- Го имавме предвид ова бидејќи во животот се случуваат и непредвидени работи, граѓаните немаат потреба да вртат на бројот 192, или да бараат дополнителна дозвола, туку треба да се упатат до најблиската болница и доколку бидат сопрени од теренските контроли, доволно е да ја кажат точната локација на здравствена установа каде што се упатуваат. Тие ќе бидат евидентирани и пропуштени, а полицијата ќе изврши дополнителна контрола дали лицето навистина се упатило на наведената локација - објасни Петровска.
Таа нагласи дека злоупотребата ќе биде санкционирана.