X
 27.06.2018 Живот

Интервју со Дијана Зафировска: Што е потребно да се вработите? Нова струка-нова работа

Честопати трагајќи по работата од соништата, стануваме свесни дека не ги поседуваме вештините и квалификациите што се потребни. Најважно е во тој момент да почнеме со барање каде да се дообучиме или да добиеме знаења и доквалификации со цел да се добие можност за вработување или да го работиме тоа што го сакаме. Пазарот на трудот налага да се приспособуваме во текот на работоспособниот живот и да бараме постојано надградување на сопствените знаења и практики. Затоа, најдобро е да се биде информиран, во секој момент, каде може да се стекнеме со такви обуки за преквалификација.

Дијана Зафировска e генерален менаџер на ЦЕС – Центарот за обука и ќе ни даде неколку одговори што може да ви помогнат во вашето идно професионално усовршување.



Како генерален менаџер, како би го претставиле работењето на Тренинг центарот ЦЕС  – Центарот за обука?

Тренинг центарот ЦЕС е лидер во областите на неформалното образование во Македонија, кој веќе18 години со голем успех го промовира и го развива концептот на доживотно учење и унапредување на квалитетот на културниот живот во градот и во регионот. Нашето работење го засноваме во 5 области:
1. Доживотно учење;
2. Преквалификација- доквалификација  на занимања - стручни обуки;
3. Јазични курсеви;
4. Обуки за кариерен и личен развој;
5. Преведувачки и толкувачки услуги.

Живееме во едно многу динамично општество во кое ако не ги искористиме можностите што произлегуваат од промените, не би можеле да се движиме нанапред.  
Од особена важност е да се препознае мигот кога се потребни стручни усовршувања, обуки и доквалификации во одредена област и како тоа може најдобро да го искористите. Затоа постоиме и секојдневно се трудиме да им излеземе во пресрет на сите што сакаат да го надградат своето знаење и да стекнат нови вештини.
Нашата мисија е унапредување на квалитетот на животот на граѓаните преку промоција и реализација на концептот на доживотно учење, креирање и имплементација на иновативни програмски содржини, преквалификации и доквалификации во согласност со потребите на пазарот на трудот.

Нашата визија за севкупното работење е да се изградат капацитети во едно современо општество, вклучено во модернизациските текови, кое поттикнува прогресивни идеи, почитувајќи ја различноста во секоја форма.
Сакаме да креираме општество на функционално писмени граѓани што целосно го прифаќаат концептот на доживотно учење и општество што ги почитува принципите на одржлив развој.

Со какви обуки  и конкретни вештини може да се здобијат Вашите клиенти?

- Нашите обуки се поделени на општообразовни и стручни обуки, и сите се реализираат согласно потребите на пазарот на трудот и потребите на клиентите. Во денешното, современо општество познавањето на компјутерското работење стана императив. Компјутерите влегуваат во нашите домови и на нашите работни места како скапоцена помош во извршување многубројни задачи и работи.
Тренинг центарот ЦЕС освен што нуди стандардни основни и напредни курсеви за компјутерско работење, нуди и можност за дизајнирање курсеви приспособени на потребите на клиентите. Исто така, реализираме и обуки за странски јазици. Сите курсеви за странски јазици почнуваат со тестирање на кандидатите за почетните знаења, па според тоа се определуваат нивото и содржината на курсот. Како дел од нашите општообразовни обуки ќе ги споменам - едукации-обуки за професионален и личен развој како најдобро да се продадеш себеси, како да се претставиш кај познат работодавец, обука за службеник во сметководство, обука за интернет-маркетинг и социјалните мрежи, претприемништво, пишување проектни апликации и други општообразовни обуки, скроени според потребите на клиентите или компаниите.
Денес ниту една работа не може да се замисли без овие основни вештини за личен и професионален развој. Тренинг центарот ЦЕС нуди можност за усовршување на вештините и знаењата, со што соодветно би се одговорило на сите сложени барања што ги поставува современото општество.

Би сакале да слушнеме повеќе за стручните обуки - занаетите што се важен сегмент на секое општество...


Во рамките на Тренинг центарот ЦЕС се одржуваат и обуки за преквалификација на знаењата и вештините во повеќе области и тоа:

•    козметичко-фризерска струка,
•    прехранбена струка,
•    угостителски сектор,
•    градежна струка,
•    текстилна,
•    машинска,
•    трговска итн.,

за профилите:
•    инсталатер на уреди за греење и климатизација,
•    курс за заварувач,
•     курс за надградба на нокти,
•    курс за нега на стари лица,
•    курс за ракувач со виљушкар,
•    курс за монтажа и одржување на лифтови,
•    курс за ракувач со градежни машини
 и други во делот на машинските струки.


 
Во рамките на обуките фокусот првенствено е на практичната настава и обука на работно место, а се изведуваат според верификувани програми од страна на Министерство за образование и наука.
Обуките обучно траат 3 месеци и по успешното завршување на обуката кандидатите добиваат државен сертификат, со опис на програмата што ја следеле и со тој можат да отворат сопствен дуќан-фирма или да се вработат со соодветното занимање. Денес не можеш да работиш на работно место фризер, ако немаш соодветна диплома за тоа, или пекар, слаткар, виљушкарист итн.

Дали во рамките на овие обуки слушателите-невработени лица ќе имаат можност да се стекнат и со меѓународни искуства и знаења?


Секако, со цел да им излеземе во пресрет на сите што имаат потреба од доедукација, Тренинг центарот ЦЕС веќе неколку години континуирано реализира проекти за невработени лица  финансирани од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, преку програмата „Еразмус плус“ во стратешко партнерство со учесници од повеќе држави како: Полска, Бугарија, Романија, Италија, Португалија... преку кои им овозможуваме на учесниците да учат и да се стекнат со вештини на интернационално ниво, мобилност и размена на искуства.

Може ли малку подетално да ни објасните за какви проекти за невработени млади лица станува збор и дали тие обуки се бесплатни?

Дa, се разбира, обуките за невработените лица се бесплатни, младите имаат можност да патуваат во друга држава, да разменат искуства и да се стекнат со нови вештини и знаења

Првиот реализиран проект од ваков тип за обука на млади невработени лица за општообразовни обуки беше проектот „Пат до вработување - развивање нови вештини и знаења за невработените лица“, кој почна во 2014 година, а заврши во 2016, а се обучија  64 млади лица. Овој проект се спроведуваше со партнер-организации од Полска, Бугарија и од Романија, каде што се спроведоа серија обуки и мобилности од сите 3 држави, се разменија искуства, како од домашно така и од интернационално ниво. Младите невработени лица се стекнаа со нови вештини и компетенции од областа на кариерниот развој, важноста на интернет-маркетингот, имаа можност да научат да пишуваат проектни апликации и да се запознаат со можностите што ги нудат европските фондови, се запознаа и со темите и предизвиците во областа на претприемништвото, научија да се охрабрат, развиваа сопствени идеи и иницијативи за социјално претприемништво. Младите лица зедоа активно учество за идеи и  развој на сопствени бизниси.

Од особена важност е сите овие искуства да ги меморираме и да ги запишеме, не само да ги споделуваме, бидејќи се основата за сето она што ќе следува во иднина. Работиме согласно барањата на пазарот на трудот и барањата на лицата што бараат вработување. Пазарот на трудот бара континуирани обуки, зајакнување на капацитетите и на ресурсите со кои се работи, како и надградба на вештините со кои се стекнувате во текот на работењето. Затоа сме тука, затоа ја следиме оваа нишка, и се трудиме да бидеме најдобри во она што го работиме.

Дали продолживте со имплементација на проекти и обуки за невработени лица и каков беше интересот кај невработените лица?

Дa, продолживме, во тек се два проекта, кои ќе ги објаснам подоцна, само да напоменам дека младите невработени лица имаат многу голема потреба од стандардни обуки, како и од стручни обуки, но сето тоа кога ќе се спои со размена на знаење со други млади лица од други држави, добива една друга димензија, отворени видици, можности за размислување, креирање и одважување во остварување на своите соништа,
Како што напоменав, се реализираат два проекта во рамките на програмата „Еразмус плус“

1.    Мрежа на вешти келнери и готвачи (Skilled cooks and waiters network - SCAWNET)
Проектот се реализира како стратешко партнерство со партнери од Италија и од Португалија, при што основна идеја е да се подигне статусот на овие две професии (келнери и готвачи) на едно повисоко ново, преку развој на нови програми, курикулуми и размена на искуства помеѓу земјите-учеснички во проектот.


 
Со цел унапредување на вештините на невработените лица од овие две професии, во рамките на проектот досега беа реализирани две обуки, и тоа една за келнери и една за готвачи. Во рамките на овие обуки учесниците имаа можност да учат од врвни професионалци од областа, но исто така и се стекнаа со вештини преку обуки на работно место.

Обуката за келнери се реализира во таверните на Фолињо, гратче во областа Умбриа, Италија, а обуката за готвачи во едно од најпрестижните училишта за готвачи во Европа, во градот Фатима, Португалија.
Во последна фаза пред завршување е и трета обука во Македонија, со која лицата што веќе беа вклучени во претходните две обуки работеа на подобрување на својот личен и професионален развој.

Во рамките на проектот досега се изработени и неколку истражувања и се изготвени три интелектуални трудови и тоа:
„Анализа за потребите на келнери/готвачи“  и подготвени се водич „Уметност да се биде успешен готвач” и „Уметност да се биде успешен келнер“, а во тек е изработка и на четврти интелектуален труд, каде што ќе бидат сублимирани искуствата од досегашната реализација на проектот и ќе бидат дадени препораки за подобрување на статусот на овие две професии.

2.    Во таа насока Тренинг центарот ЦЕС го реализира и проектот „Семејната писменост функционира“, кој е исто така дел од програмата „Еразмус +“. Проектот се реализира во партнерство со уште 5 други организации од Португалија, Романија, Словенија и од Бугарија.
Целта на овој проект е зголемување на писменоста и на вештините за читање и учење со разбирање не само кај учениците и младите што се вклучени во редовниот образовен процес, туку и кај другите членови од семејството. Со заедничко учење кое вклучува повеќе членови од семејството и користење нови иновативни и интерактивни методи на учење значително се зголемуваат ефектите во наученото.
За таа намена, во рамките на овој проект двајца фасилитатори за семејна писменост веќе поминаа низ низа обуки, а во тек е и дисеминација и едукација на десет нови фасилитатори, кои ќе работат на подобрување на писменоста со семејствата. Целна група ќе бидат примарно семејства од социјално ранливи групи, кои долгорочно се соочуваат со проблемот на подобрување на образовниот статус.

За кого се наменети овие обуки и програми за преквалификација?


 Овие обуки се наменети за невработени лица со цел да најдат работа, вработени што сакаат да го унапредат своето знаење, фирми што сакаат да ги обучат своите вработени, студенти што навреме би ги совладале програмите кои ќе ги користат кога ќе се вработат, сите што сакаат да бидат поефективни и попродуктивни во сите сегменти од животот.

Какви планови имате за блиска иднина, со кои новини планирате да ги запознаете своите постојани слушатели, но и да привлечете нови?
Како и досега, планираме континуирано да ги следиме потребите на пазарот на труд и да нудиме нови иновативни програми, во согласност со современите трендови, кои ќе им помогнат на младите лица да си го пронајдат патот до работно место. Исто така, ќе продолжиме да нудиме и обуки што ќе им овозможат развој во кариерата на оние што веќе работат на одредени позиции. На компаниите им нудиме можност, користејќи ги нашите услуги, да креираат тимови со кои успешно ќе ги остваруваат зацртаните цели.
За нас, најголем успех е што често клиенти што користеле одреден тип обуки доаѓаат и се пријавуваат повторно за нови, за понапредни нивоа и ја продолжуваат својата соработка со  Тренинг центарот ЦЕС.

Каде можат да добијат дополнителни информации во врска со обуките што ги нуди Тренинг центарот ЦЕС?

Дополнителни информации може да се добијат на нашата веб-страница www.ces.mk, на нашиот фејсбук-профил https://www.facebook.com/trainingcenterces, како и на телефонот 078 339 502.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот