X
 21.04.2021 Образование

Експерти од денеска почнуваат да ги обучуваат наставниците да предаваат по новата концепција

Тимот што ќе биде обучуван е составен од 22 универзитетски професори од сите државни универзитети во Македонија, како и од 22 наставници од училиштата низ државата. Тие потоа ќе ги обучуваат своите колеги како да предаваат согласно новата концепција

Експертите што работеа на новата концепција за основно образование од денеска почна да обучува наставници, кои ќе станат обучувачи на други нивни колеги, и кои ќе ги учат за принципите на новата концепција за основно образование. Тимот што ќе биде обучуван почнувајќи од денеска е составен од 22 универзитетски професори од сите државни универзитети во Македонија, како и од 22 наставници од училиштата низ државата.

Зеќирија Хасипи, директорот на Бирото за развој на образованието, за Факултети.мк информира дека една недела ќе трае обуката за обучувачи, по што обучените ќе им бидат обучувачи на наставниците од прво и од четврто одделение.

- Во текот на целиот месец мај ќе има обуки за наставниците, што е дел од првиот модул. Вториот модул од обуките се однесува на новите наставни програми за прво и за четврто одделение, а третиот модул е во август и тогаш наставниците ќе бидат обучени за процесот на оценување и за сите прашања што наставниците нема да ги имаат разјаснето пред почетокот на новата учебна година - вели Хасипи.


Зеќирија Хасипи, директор на БРО/фото: архива


Обуките ќе траат повеќе денови. По „ново“ ќе научат да предаваат околу 3.000 наставници во државата.

Вчера Владата на седница донесе одлука со која постојните мерки за ограничување на движењето и за другите рестрикции продолжуваат да важат, но за да можат да се одржат обуките, исклучок од овие мерки ќе биде Министерството за образование и наука, институцијата на која ќе ѝ биде дозволено да организира и одржува секаков вид семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани за наставниот кадар.

„Овие обуки се однесуваат на континуиран и непречен тек на образовниот процес во основното и средното образование по строго наменски протоколи“, стои во информацијата од Владата.

Владата на оваа седница, по предлог на Комисијата за заразни болести, го одобри Протоколот за постапување при реализација на државните и меѓународните тестирања во основните и во средните училишта.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование