X
 08.08.2018 Живот

На што се должи лошото расположение на населението во најсреќната земја во светот?

Со години малата азиска земја Бутан не го дефинира успехот преку својата економија, туку преку среќата.

Будистичката нација е пионер на идејата „бруто-национална среќа“, со која се мери благосостојбата на земјата, а наводно нејзиниот премиер еднаш го прогласи Бутан за најсреќна нација во светот.

Но луѓето од Бутан откриваат дека перцепцијата не е секогаш еднаква со реалноста. И покрај напорите на владата, Бутан беше рангирана на 97. место од вкупно 156 земји во најновото издание на листата на Светскиот извештај за среќа на ОН.

1
Фото: Getty Images


Дел од причината може да има врска со технологијата. Иако Бутан со децении ѝ се спротивставува, модерните достигнувања, како што се мобилните телефони, телевизијата и компјутерите, полека почнуваат да заземаат посилен замав, носејќи им непознати проблеми и предизвикувајќи да исчезне стариот начин на живот.

Во последниве години телевизијата е обвинета за сѐ, од зголемувањето на стапката на криминал во Бутан до нејзината демографска промена, бидејќи руралните жители се упатуваат кон поголеми градови во потрага по работа.

- Рекламите создаваат желби кои не можат да бидат задоволени од актуелната економска позиција на луѓето. Злосторството и корупцијата често се раѓаат од економските желби - вели Фунчо Раптен од Центарот за бутански студии.

Климатските промени, уште еден модерен проблем, го земаат својот данок и во Бутан. Топењето на глечерите им се заканува на индустриските фабрики кои ја обезбедуваат енергијата на нацијата, што го отежнува напредокот во земјата која ОН ја сметаа за најмалку развиена во светот.

- Имаме зголемување на јазот на приходите, имаме зголемување на невработеноста кај младите, деградација на животната средина. Постојат многу работи за кои треба да се грижиме - вели Недруп Зангпо, извршен директор на Здружението на новинарите на Бутан.

Статистичките податоци од анкетата за сопствена среќа на Бутан ја илустрираа трансформацијата: според последниот извештај за бруто-националната среќа од 2015 година, бројот на лица што пријавуваат негативни емоции, како што се лутина, страв и себичност, бил зголемен во споредба со претходната анкета, додека позитивните емоции, како сочувство и простување, биле намалени.

И покрај тоа што 90 отсто од испитаниците изјавиле дека се среќни, вреди да се напомене дека речиси половина од нив, 48 отсто, се опишале како „едвај среќни“ наспроти позитивните избори „длабоко среќни“ и „исклучително среќни“.

Како што напредува, Бутан ќе мора да научи да се приспособува на современите предизвици и на промената на расположението на својот народ.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот