Нова студија објавена неделава дава надеж за пациентите што боледуваат од рак кој е во почетна фаза. Истражувањето е направено на глушец од страна на физичари и научници од Универзитетската болница за здравје и наука во Орегон (ОХСУ). Истражувањето го скицира откривањето на соединение способно да ја прекине подвижноста на ракот.
Ширењето на клетките на ракот на други делови од телото, познато како метастаза, е озлогласено како факторот поради кој умираат заболените од рак, а шансите за преживување се намалуваат со ширењето.
- За повеќето видови рак важи дека ако се откријат рано, ќе преживеете. А генерално, ако го откриете подоцна, откако се проширил низ вашето тело, ќе умрете. Движењето е клучот: разликата е бело и црно, ноќ и ден. Ако клетките на ракот се шират низ вашето тело, тие ќе ви го одземат животот. Можеме да го лекуваме, но ќе ви го одземе животот - вели Рејмонд Берган, автор на студијата.
Сепак, покрај оваа свесност, повеќето истражувања на ракот досега се фокусираа на терапиите насочени само кон убивање на ракот. Всушност, моментно нема познат лек за запирање на ширењето на клетките на рак.
Во 2011 година Берган и неговиот тим решиле да ги обединат силите со хемичарите за да се обидат да најдат лек кој би ја таргетирал подвижноста на ракот. Тие откриле соединение кое има потенцијал да влијае врз подвижноста на клетките на рак на дојка, простата, дебело црево и бели дробови и тоа соединение е наречено KBU2046.
Тимот успеал да го направи ова со примена на хемиска синтеза за да се идентификуваат и да се подобрат соединенијата што би можеле да ја одвратат подвижноста на клетките на туморот без да има несакани ефекти или голема токсичност.
Фото: Interesting Engineering
- Почнавме со хемиско соединение кое ги запираше клетките во нивното движење, а потоа сѐ повеќе го усовршувавме тоа соединение сѐ додека не вршеше одлична работа на запирање на клетките без несакани ефекти - објаснува Берган.
Крајната надеж за лекот е дека ефикасно ќе се справува со ракот во неговата рана фаза за болеста никогаш да не го достигне нивото кога веќе не може да се излекува. Засега испитувањата не се направени на луѓе. За да ја достигне таа фаза, тимот наведува дека ќе бидат потребни две години и пет милиони долари.
- Нашата крајна цел е да можеме да ѝ кажеме на некоја жена со рак на дојка: „Еве, земи го овој лек и ракот нема да се шири низ твоето тело“. Исто и на пациентите со рак на простата, бели дробови и дебело црево - вели
Берган.