Мнозинството жени со најчестиот тип на рак на дојка во рана фаза можат безбедно да ја прескокнат хемотерапијата по операцијата, стои во еден нов извештај. Резултатите најверојатно ќе го забрзаат опаѓањето на користењето на хемотерапијата.
Резултатите од најголемото испитување на ракот на дојка покажуваат дека повеќето пациенти кај кои има просечно ниво на ризик од враќање на болеста можат да ја избегнат хемотерапијата и нејзините често исцрпувачки несакани ефекти.
- Со години ги чекавме овие резултати. Тие ќе ја променат терапијата и ќе ја отстранат несигурноста за жените што донесуваат одлуки - истакна Алисон Кјуријан, онколог од Универзитетот „Стенфорд“, која не била вклучена во испитувањето.
Истата студија, на која се работело една деценија, претходно потврди дека пациентите кај кои има мал ризик можат да ја прескокнат хемотерапијата. Двете групи, земени заедно, сочинуваат околу 70 отсто од жените кај кои се дијагностицирани најчестите типови на рак на дојка.
Некои од жените ја прескокнувале хемотерапијата врз основа на помалку ригорозни истражувања. Сега тие можат да имаат доверба во тие одлуки, велат експертите. Другите пациенти можат да го променат пристапот до терапијата врз основа на резултатите од последната студија.
Ракот за кој станува збор е предводен од хормони, не се проширил до лимфните јазли и не го содржи протеинот наречен ХЕР2.
Резултатите доаѓаат од федерално-спонзорирано испитување наречено „TAILORx“, кое било направено за да им помогне на лекарите попрецизно да ги одредат терапиите за раните фази на ракот на дојка. Од 2006 година во испитувањето биле вклучени повеќе од 10.000 жени од САД и пет други земји кај кои бил дијагностициран рак на дојка во рана фаза и бил следен нивниот напредок во текот на постоперативната терапија. Туморите на пациентите биле анализирани со тест наречен „Oncotype DX“, кој ја испитува активноста на 21 ген.
Претходните студии посочуваа дека жените со ниско ниво можат да ја прескокнат хемотерапијата и дека оние со високо ниво на ризик не треба да ја прескокнуваат. Големото прашање беше што треба да прават оние со средно ниво. Таквите пациенти беа во сивата зона и Кjуријан вели дека не знаеле што да им кажат.
За да дојдат до одговор, истражувачите случајно одбрале повеќе од 6.700 жени со средно ниво и ги поделиле на две групи. По операцијата, едната група добила само ендокрина терапија, додека другата, освен ендокрина, одела и на хемотерапија. По неколкугодишно следење, податоците покажале дека повеќето пациенти што не оделе на хемотерапија живееле еднакво добро како и оние што оделе.
Фото: Science Alert
Според водечкиот автор Џозеф Спарано, онколог, оние со 16 и повеќе „бодови“ за враќање на болеста имале значителен бенефит од хемотерапјата.
Резултатите од испитувањето се последниот дел од сложувалката за тоа како треба да се лекува рак на дојка во рана фаза на развој. Повеќето пациенти со оваа болест имаат висока стапка на преживување, но нивните прогнози драстично се влошуваат ако ракот се врати во други делови од телото. Поради тоа, многу жени кај кои бил откриен рак на дојка во рана фаза биле испраќани на хемотерапија со надеж дека ќе се спречи негово ширење. Но, во последните неколку години некои лекари ја редуцираа употребата на хемотерапија, што некогаш наидуваше и на критики.
Експертите велат дека резултатите го потврдуваат она што многу пациенти и лекари веќе го прават.
Истовремено, Џејмс Дорошоу од американскиот Национален институт за рак, кој беше примарен спонзор на студијата, предвидува дека испитувањето ќе доведе до промени во терапијата за голем број потенцијални пациенти. Тој додава дека е важно што федералната влада ја финансирала студијата бидејќи фармацевтската индустрија има мал интерес за спонзорирање на испитувања кои резултираат со редукција на
терапија.