X
 26.06.2018 Наша тема

Загрижува појавата на депресија кај Македонките што прележале рак на дојка

Пониското ниво на образование, недостигот на физичка активност и стравот од враќање на болеста се главните фактори за појавата на депресијата, вели д-р Гордана Ристевска-Димитровска, специјалист-психијатар, која ја истражуваше оваа проблематика



Фото: Pixabay

Болните од малигни болести во Македонија, особено во Битола, се оставени сами да ги решаваат многубројните психосоцијални проблеми кои неизбежно се јавуваат со една ваква застрашувачка дијагноза. Психијатрите им се достапни како и на секој друг пациент, но не постои организирана психоонколошка служба која ќе ги задоволи нивните потреби – вели д-р Гордана Ристевска-Димитровска, специјалист-психијатар и виш предавач на Високата медицинска школа при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола.
„Влијание на депресивноста врз квалитетот на живот кај жени лекувани од рак на дојка“ е темата што Ристевска-Димитровска ја истражуваше и дојде до интересни заклучоци.

- Темата за магистерскиот труд беше од полето на биолошката психијатрија, поточно ја истражував врската помеѓу депресијата и концентрацијата на невротрофниот фактор со мозочно потекло BDNF, со цел да се провери дали концентрацијата на BDNF ја отсликува тежината на депресијата и дали може да се користи како биолошки маркер за депресивно растројство. Во меѓувреме, во мојата психијатриска практика сѐ почесто работам со пациенти со депресија, биполарно растројство и анксиозни растројства. Работата и постојаната надградба направиja да се насочам кон афективните растројства и да станувам сѐ подобра во лекувањето на лицата што страдаат од нив - вели Ристевска-Димитровска.

д-р Гордана Ристевска-Димитровска

Истражувањата покажуваат дека само околу една третина од болните од депресија во општата популација се јавуваат кај лекар за нивната состојба, а само половина од оние што се јавиле на лекар се соодветно лекувани, вели психијатарот.
- Затоа, можеме да се посомневаме дека болните од рак уште помалку добиваат соодветен третман и поддршка за нивното психичко здравје. Тоа е така и во поголемиот дел од светот затоа што нашироко се распространети убедувањата дека депресијата е разбирлива и нормална реакција на болеста, дека болниот од рак треба да се избори сам, да издржи и очекувано е дека по активното лекување на ракот, психичката состојба сама по себе ќе се стабилизира. Увидов дека во Македонија речиси воопшто нема истражувања од областа на психоонкологија. Денес сѐ повеќе луѓе заболуваат и живеат со дијагноза рак, нивните потреби сѐ повеќе ќе се актуализираат и затоа сметам дека е значајно да ја истражиме состојбата на пациентите, за да можеме правилно да ги распределиме здравствените ресурси во земјата - категорична е нашата соговорничка.

Истражување со 218 жени

Ракот на дојка е најчестиот рак што се јавува кај жените во светот. Ристевска-Димитровска правела анализа на психосоцијални и онколошки податоци, детaлна процена на психичкиот статус на испитаниците и мерење на квалитетот на живот на испитаниците.
Истражувањето е направено со 218 жени, кои го завршиле активното лекување за ракот (хируршки интервенции, хемотерапија, радиотерапија) најмалку 6 месеци претходно и во периодот на истражувањето живеат без симптоми на болеста рак.

- Жените лекувани од рак на дојка се сметаат за „лица што преживеале рак“ (анг. cancer survivors). Сите испитаници беа интервјуирани по два пати, еднаш при влегувањето во студијата и по шест месеци. Жените што се вклучија во истражувањето се лекуваат и контролираат на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје и на одделението за онкологија во Клиничката болница „Д-р. Трифун Пановски“ во Битола. Со оглед на тоа дека овие два центри за онкологија се единствените во Македонија, истражувањето ја отсликува состојбата во целата земја. По првото интервју, групата на испитаници беше поделена на два дела, жени што имаат депресивна симптоматологија (113) и жени што немаат значајна депресивна симптоматологија (105), кои претставуваат контролна група - објаснува специјалистот.



Фото: Pixabay

Истражувањето покажало дека доминираат симптомите на депресија. Половина од испитаничките имале клинички значајна симптоматологија, а 16% ги задоволуваа критериумите за поставување дијагноза мајор депресија (потешка форма на депресија, н.з). За споредба, мајор депресијата во општата популација се движи околу 4%. Со тек на време, знаците на депресијата избледуваат.

- Во нашата популација на жени лекувани од рак на дојка значајни фактори за појава на депресија се: пониското ниво на образование, животниот стил без физичка активност и стравот од повторна појава на болеста. Се покажа дека возраста, материјалниот, работниот и брачниот статус, родителската улога, возраста на децата и бројноста на системот за поддршка немаат значајно влијание врз појавата на депресија кај жените лекувани од рак на дојка. За мене, особено изненадувачки податок беше дека стадиумот на рак на дојка, времето поминато од дијагнозата, како и начините на лекување, не се од особено влијание врз појавата на депресија - вели психијатарот.

Помали примања - полоша здравствена состојба

Во однос на квалитетот на живот, студијата покажала дека депресивноста негативно влијае врз сите аспекти од квалитетот на живот на жените лекувани од рак на дојка, а поизразениот степен на депресија значително повеќе го намалува квалитетот на живот.

- Депресивноста кај овие пациенти најчесто останува незабележана од семејниот лекар и онкологот, нешто на што треба да се обрне внимание во иднина. Голем дел од испитаниците живеат со ниски приходи во семејството (под 12.000 денари месечно). Истражувањето покажа дека пациентките што имаат ниски приходи во семејството имаат значително полош глобален здравствен статус, полошо физичко и сексуално функционирање и функционирање во животна улога, поизразен замор, гадење и повраќање и губиток на апетит за разлика од пациентките со поголеми приходи во семејството - заклучува Ристевска-Димитровска.

Таа и психологот Билјана Видановиќ во 2014 година организирале група за психосоцијална поддршка за жени лекувани од рак во Битола. Потребата кај пациентките била голема, а и интересот за соработка. Една година подоцна го формирале и Центарот за психосоцијална поддршка и истражувања „Одраз“.
Психоонкологијата ќе остане истражувачки интерес за Ристевска-Димитровска. Таа би сакала да ги истражува ефектите на конкретни психосоцијални интервенции врз нашата популација болни и лекувани од рак, како што се системски семејни интервенции за подобрување на партнерската комуникација и релации кај болните од рак, работа на сликата за сопственото тело и сл.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема