На мојот „Фејсбук“ нема селфи-спомени од вашиот хепенинг. Но, сите жени од фотографиите на мојот профил ги натерав да одат на преглед на дојка. И не само нив, ги има повеќе
Автор: Соња Алексоска-Неделковска, новинарка
Денеска помогнав да се спаси еден живот. Личноста која секогаш внимателно ги слушаше моите совети за превентивата во борбата против ракот на дојка нема да ја растргнат канџите на оваа болест. Редовните контроли резултираа со навремено детектирање на малигната грутка во нејзината дојка. Страшна, но не и фатална вест. Прогнозите се еквивалент на нејзино комплетно излекување.
Една од моите омилени изреки е „слушај паталец, а не гаталец“. Се раководам според неа и во комуникацијата со луѓето. Како паталец, со два големи реза на десната и еден на левата дојка, бев подготвена и јавно да зборувам за значењето на превентивата во борбата против ракот на дојката. Прифатив да бидам дел од хуманитарна акција на една козметичка куќа. На настанот се продаваа чанти, а средствата од продажбата беа наменети за жените со карцином на дојка. Меѓу посетителите беше и Радмила Шекеринска. Излегов на сцената со голема грутка во грлото за да го раскажам моето животно искуство.
- На 26 години забележав грутка на десната дојка. Додека траеше ехо-прегледот, докторката без никаква доза на емпатија ми соопшти дека имам тумор на дојка. Во тој шок прашав само дали ќе можам да имам деца. Одговорот беше да. Дури откако малку се созедов, го надополнив прашањето: „А, дали ќе живеам за да имам деца?“ Од прва ми возврати: „Е, тоа ќе го покаже биопсијата!“ По неколку дена ги добив резултатите. Туморот беше бенигнен. Оттогаш секоја година одам на преглед на дојка еднаш или двапати. Секоја втора година на мамографија. Направив пет биопсии и три операции. Никогаш не го промашувам терминот за преглед. Секогаш сум позитивна кога сум во чекалницата. Зашто моите редовни прегледи ми го спасија животот. Сите резултати досега беа бенигни.
Оваа приказна ја слушнаа многу мои колеги што присуствуваа на настанот. Но, утредента главна вест во медиумите беше: „Рада купи чанта“. Мојот настап беше сведен во една реченица: „На настанот се зборуваше и за превентивата поврзана со ракот на дојка“. Од тој ден си ветив себеси дека никогаш повеќе нема јавно да зборувам за што било поврзано со оваа болест. Никогаш нема да бидам дел од розов хепенинг. Нема да носам маичка со розова панделка, ниту да пијам од чаша со иста декорација.
Извини Биба Додева! Ти не го заслужуваш тоа. Се налутив и на себе и на ближните свои од професијата. Во едно биди сигурна. На мојот „Фејсбук“ нема селфи-спомени од вашиот хепенинг. Но, сите жени од фотографиите на мојот профил ги натерав да одат на преглед на дојка. И не само нив, ги има повеќе.
Статистиката вели дека во Македонија годишно од рак на дојка умираат 279 жени, или 27 на 100.000. Најголем број од смртните случаи се на возраст од 55 до 59 години.
Според ова, ракот на дојката е втора најчеста причина за смрт од малигни заболувања кај жените.
Минатата година беа регистрирани 218 случаи на рак на дојка кај жени и четири кај мажи. Петнаесет нови случаи се пријавени кај млади жени на возраст под 40 години.
Ако мојот пример им биде патоказ барем на дел од жените што ќе ја прочитаат колумнава, оваа бројка во следните години ќе се намалува.
Среќен 8 Март, драги мои! Кога би можела, на сите би ви подарила ехо-преглед на дојка. Можеби ви се попривлечни розовите чевли што Викторија Бекам ги промовираше на свадбата на Серџио Рамоз. Или, пак, розовата чанта на Јелена Карлеуша, која ја рашета дури до Малдивите.
Дали за празникот ќе се почестите со шопинг и осмомартовска дружба во кафана или одвоените средства ќе ги пренамените за ехо-преглед, оставам на вашата совест.