X
 11.11.2021 Наша тема

Жените да не се плашат од мамографскиот преглед - има услови за работа во пандемија, велат лекарите

Жените се плашеа дека ако дојдат во болница, може да се заразат со коронавирусот. Нормално е да се плашат, но треба да знаат дека имаме одвоен влез за нив за да не се мешаат со болните од ковид-19. Воедно, многу е важно скринингот да го работат доктори што се обучени за тоа, не може да го прави кој било радиолог, вели проф. д-р Маја Јакимовска-Димитровска

Здравствените власти и лекарите се обидуваат повторно да го заживеат превентивниот скрининг за рак на дојка, откако сите превентивни прегледи беа запрени од почетокот на пандемијата на ковид-19. Од Националната комисија за рана детекција и скрининг на рак на дојка велат дека кога имаше намален број заразени и заболени од ковид-19, направиле обид повторно да ги врати овие превентивни прегледи.

- Во услови на пандемија сите превентивни прегледи, меѓу кои и скринингот за рак на дојка, беа запрени, како кај нас така и во сите други земји. Во еден период, кога беше намалени бројот на заболени, се обидовме да го заживееме скринингот со тоа што преку „Мој термин“ праќавме покани и телефонски се повикува жените, но поради страв, многу малку дојдоа на преглед. Жените се плашеа дека ако дојдат во болница, може да се заразат со коронавирусот. Нормално е да се плашат, но треба да знаат дека имаме одвоен влез за нив за да не се мешаат со болните од ковид-19 - вели проф. д-р Маја Јакимовска-Димитровска, радиодијагностичар на Универзитетскиот институт за радиологија во Скопје и претседател на Националната комисија за рана детекција и скрининг на рак на дојка.

Таа објаснува дека скрининг за карцином на дојка значи преглед на здрави жени, со кој треба, доколку има појава на карцином, тој да се открие што порано и што порано да се почне со терапија. Според неа, жените сега не треба да се плашат да дојдат на преглед ако бидат повикани на скрининг бидејќи направиле протокол за работа во услови на пандемија, кој е изработен според европскиот водич.

- Протоколот предвидува жените што се повикуваат на скрининг и кои се здрави, да не се мешаат со оние што доаѓаат дијагностички на мамограф. Во чекалницата не треба да има жени што доаѓаат дијагностички на снимање. Затоа скринингот се прави во попладневните часови, со тоа што од снимањето на оние што дошле дијагностички до снимањето на жените повикани преку програмата за скрининг треба да поминат три часа, да се дезинфицираат просторот и апаратурата, а секако и по секое снимање се прави дезинфекција. Ова е предвидено бидејќи не смееме да ги ставаме во ризик здравите жени. Исто така, има посебен влез за жените што доаѓаат на мамографија и со тоа се одделени од другите пациенти што доаѓаат на други снимања, како и снимања за ковид-19 - вели проф. д-р Јакимовска-Димитровска.


Проф. д-р Маја Јакимовска-Димитровска

Таа додава дека сите ковид-центри ги немаат овие услови за безбедно одвивање на скрининг-прегледот, ниту пак можат да запрат со работа за да може да се прави скрининг.

- Повторно се обидовме да го почнеме скринингот со тоа што следната недела Комисијата ќе има состанок и ќе побараме од секој од центрите да каже дали има услови да го прави скринингот во услови на пандемија. Таму каде што нема посебни чекалници или не може да се запре со снимање на други пациенти, нема да бараме да го прават тоа бидејќи сѐ уште сме во пандемија. Многу е важно скринингот да го работат доктори што се обучени за тоа, не може да го прави кој било радиолог - вели проф. Јакимовска-Димитровска.

Таа објаснува дека пред пандемијата почнале со скрининг за рано откривање на рак на дојка согласно Европскиот водич за скрининг. Возрасната група на жени која е определена за скрининг, според Јакимовска-Димитровска, е исто така според европскиот стандард.

- Претходно скринингот се одвиваше преку пилот-проекти. Пред неколку години тоа го направивме според Европскиот водич за скрининг. Направивме попис и баждарење на апаратурата што ја имаме, а тоа ни одзеде доста време. Во скринингот беа вклучени дигиталните апарати и утврдивме дека има кој да ги чита резултатите. Читањето е направено според водичот на ЕУ, со кој се воведува двојно читање. Тоа значи дека еден лекар го читал резултатот, а потоа и друг кој не знае што прочитал неговиот колега. Доколку и двете читања се совпаднат, се издава резултат, а ако не, тогаш се повикува и трет и заедно даваат мислење. Беа определени шест центри за скрининг на дојка - вели Јакимовска-Димитровска.

Евростат (Генерален директорат на Европската комисија за статистички податоци на ЕУ) пред неколку дена објави дека 66% од жените на возраст од 50 до 69 години биле на мамографија во претходните две години. На национално ниво ,најмногу жени на оваа возраст биле на превентивен преглед на дојка во Шведска, дури 95 %, потоа во Финска 92 %, во Данска 82 %, Португалија 81 %, во Луксембург и Холандија 78 %. Наспроти ова, помалку од половина од жените на возраст од 50 до 69 години биле на мамограф во следниве земји: во Романија 9 %, во Бугарија 36 %, во Естонија 44 % и во Латвија 49 %.

Според Јакимовска-Димитровска, за скринингот во Македонија да биде онака како што се прави во земјите од ЕУ, потребно е да има посебен центар за дојка, како и да има надворешен консултант кој претходно работел на имплементација на ваквите програми.

- Тој надворешен консултант треба да ни помогне полека да го воведеме скринингот за целата популација. Во ЕУ се одвојуваат многу повеќе средства отколку кај нас. Кај нас сега средства се одвојуваат преку програмите на Министерството за здравство, а во иднина овој скрининг треба да се финансира преку Фондот за здравствено осигурување, бидејќи навреме ќе се открие ако има заболена жена, а со тоа ќе се намалат и трошоците за лекување - вели докторката.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, во 2019 година за скрининг на рак на дојка биле повикани 2.044 жени на возраст од 50 до 69 години, а биле направени 1.672 прегледи, или 81,8 % од закажаните термини.
Подготвил: Елица Бочвароска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема