X
 27.06.2019 Наука

Мускулите околу очите на кучињата еволуирале за тие подобро да комуницираат со луѓето

Ако ви се чини дека кучето сака нешто да ви каже со погледот или го бара вашето внимание, станува збор за начин на кој еволуцијата им овозможила на кучињата да манипулираат со вашите чувства, тврдат американски и британски научници.

Тие заклучиле дека очните мускули на кучињата еволуирале за да можат тие да изразат емоции и благодарение на молбениот поглед им се привлечни на луѓето.

Малиот мускул на лицето им овозможува на кучињата да имитираат „израз“ како дете. На тој начин од вас бараат да ги погалите.

Истражувањето покажа и дека таквиот молбен поглед на овие животни им помага подобро да се поврзат со луѓето. И претходните истражувања укажуваат на тоа дека емоциите на кучето видливи во нивниот поглед влијаат врз луѓето, но новото истражување на британските и американските научници упатува на тоа дека посебниот молбен поглед е можен благодарение на анатомските промени околу нивните очи.

Во остварувањето на комуникацијата слична на човечката на кучињата им помага и нешто што научниците го нарекуваат „изразени веѓи“.

- Ваквиот поглед кај човек поттикнува желба да се грижи за кучето - вели коавторката на истражувањето, Џулиен Камински од Универзитетот „Портсмаут“.

Благодарение на тој мускул, очите на кучето изгледаат поголеми и слични на детските очи и на очи на тажен човек, објаснува д-р Камински. Таа додава дека луѓето тогаш потсвесно одлучуваат да ги заштитат кучињата, што за овие животни е еволуциска предност бидејќи луѓето баш нив ги избрале.

- Располагаме со докази дека кај кучињата се развил мускул што им овозможува подигнување на внатрешните веѓи - истакнува Камински.

Веѓите кај кучињата се развиле откако луѓето ги припитомиле волците. Научниците велат дека кучињата се првите животни што луѓето ги припитомиле и се согласуваат дека потекнуваат од волци. Ова откритие укажува на тоа дека промените на лицето кај кучињата се развиле во текот на неколку милениуми заеднички живот на луѓето и кучињата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука