X
 17.11.2023 Наука

Научниците открија аурора бореалис на Сонцето

Во спектакуларно откритие, научниците открија емисија слична на поларната светлина во атмосферата на Сонцето.

На надморска височина од околу 40.000 километри, над растечката Сончева дамка што расте во фотосферата, астрономи предводени од Сиџи Ју од Технолошкиот институт во Њу Џерси снимиле досега невиден вид на долготрајна радиоемисија.

Сонцето емитира секакви зрачења, но ова, според тимот, не наликувало на ништо друго освен на аурора бореалис.

- Откривме необичен тип на долготрајни поларизирани радиоексплозии кои произлегуваат од Сончева дамка, кои траат повеќе од една недела. Ова е различно од типичните, минливи радиоексплозии што обично траат неколку минути или часови. Станува збор за возбудливо откритие кое има потенцијал да го промени нашето разбирање за ѕвездените магнетни процеси - вели Ју.

Блескавите аурори се едни од најспектакуларните глетки на Земјата, но тие се далеку од уникатни за нашата матична планета, дури и ако нивната форма варира. Аурорите се откриени на секоја поголема планета во Сончевиот Систем, па дури и на четирите Галилееви месечини на Јупитер.

1
Фото: NSF/AURA/NSO

Аурора бореалис се формира поради судир на различни честички на гас во атмосферата кога Сончевиот ветер ќе достигне до Земјината магнетосфера.

Силите на магнетосферата ротираат дел од Сончевиот ветар кон магнетните полови на Земјата. Поларната светлина се формира кога електроните на Сончевиот ветер на надморска височина од 80 до 150 километри се судираат со атомите на горните слоеви на атмосферата.

Но, видливата светлина е само дел од спектарот на емисии на аурора бореалис. Постои и радиокомпонента. И, иако Сонцето емитира многу радиоемисии преку други процеси, емисиите што лебдат над Сончевата дамка биле слични како радиоаурорите.

Ова има смисла. Сончевите дамки се привремени потемни, постудени области на површината на Сонцето предизвикани од региони со невообичаено моќни магнетни полиња кои ја ограничуваат Сончевата плазма. И не постои никаде во Сончевиот Систем толку голема исполнетост со соларни честички како самото Сонце.

Тимот планира да ги проучува архивските податоци за да види дали можат да најдат докази за аурора бореалис во претходните изливи на Соларна активност.

- Почнуваме да ја составуваме сложувалката за тоа како енергетските честички и магнетните полиња комуницираат во систем со присуство на долготрајни ѕвездени дамки не само на нашето Сонце, туку и на ѕвездите подалеку од нашиот Сончев Систем - вели соларниот физичар Сураџит Мондал од Технолошкиот институт во Њу Џерси.

Извор: Science Alert
Фото: Sijie Yu
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука