При правење селфи загинале петпати повеќе луѓе отколку при напади на ајкули во светот. Во периодот меѓу октомври 2011 и ноември 2017 година 259 луѓе загинале при селфи во светот, според индискиот Журнал за семејна медицина и примарна заштита.
Во истиот период во светот се регистрирани 50 смртоносни напади на ајкули.
Во три четвртини од смртните случаи при селфи гинат млади мажи – најчесто со давење, сообраќајки, пад…
Индија, со население поголемо од 1,3 милијарда и со 800 милиони мобилни телефони, држи неславен рекорд на број на луѓе што загинале при селфи – 159 такви случаи досега. Тоа е повеќе од половината на глобално ниво.
Следува Русија – 16 смртни случаи, САД – 14.
Во Русија полицијата во 2015 година објави „Упатства за селфи без опасност“.
Во САД најголем дел од смртните случаи при селфи се со фатални случајни истрели додека барале соодветна поза за фотографирање.
Службите за спасување во Хрватска преку „Твитер“ побараа од туристите да престанат да прават глупави и опасни селфи откако Канаѓанец преживеа пад од 75 метри во реонот на Плитвичките Езера.
Извор: МИА