X
 27.08.2022 Наша тема

Алтернативни викенд-дестинации за уживање низ Македонија

Македонија е полна со места кои секогаш кријат изненадувања, супер содржини, особено доколку сте расположени да доживеете нешто ново. Во прилог ви даваме неколку викенд-локации кои супер одат во комбинација со лето

Без викендот неделата не може да се замисли. Викендите се за обновување, за освежување, надополнување на енергијата. Секогаш прекратко траат, брзо поминуваат. А викенд-патувањата им се омилени на многумина од нас. Да искусиме нови предели, да побегнеме од секојдневната рутина. Македонија е полна со места кои секогаш кријат изненадувања, супер содржини, особено доколку сте расположени да доживеете нешто ново. Во прилог неколку викенд-локации кои супер одат во комбинација со лето.

Галичник

Галичник е прекрасно село. На мојата листа е број еден. Уште по патот фабулозните околни пејзажи откриваат дека претстои супер патување.
Архитектурата плени уште на самиот влез на селото. Всушност, таа е едно од главните обележја на селото. Умешноста на мајсторите и ден-денес го краси Галичник. Сместено е на падините на планината Бистра, на 1.300 метри надморска височина, во центарот на регионот Мијачија. Бајковити планински пејзажи извираат од секаде. Прошетка низ селото е задолжителна. Храната што ја нудат локалните гостилници е вистинско гастрономско уживање. Во близина, коњичкиот клуб каде што се овозможува тура со коњи, а за поспремните, врвот Меденица е веднаш над селото, има обележана планинарска патека за околу два часа пешачење од каде што погледот допира до Мавровското Езеро.




Љуботен

Љуботен не е вистинскиот назив на местото, но го крстив вака затоа што крајната точка е врвот Љуботен, на планината Шара. Турата или патешествието почнува од Старо Село, најчесто тука се паркираат возилата (ако имате теренско возило, продолжувате понатаму...) и по земјен пат околу два часа се движите пеш кон следната точка - Планинарскиот дом Љуботен и околните планински куќи. Патот е опкружен со шума, потоци и сѐ нуди што шумската идила. И кога шумскиот појас се повлекува, настапува најинтересниот дел. Седенка со планинарски специјалитети и поглед кон врвот Љуботен или тура до самиот врв на 2.499 метри со уште два часа планинарење.




Михајлово

Михајлово е уште една шумска дестинација. Михајлово е месност над Кавадарци, сместена во буковата и боровата шума на Кожув. Една од најубавите шуми е изникната токму овде. Нуди многу патеки за прошетки. Познатата јапонска уметност ширин јоку убедливо ефективно се доживува овде. Шумско капење кое вклучува едноставно поминување време во шума. Тишина, зеленило, мирис на чистина и свежина изобилуваат во овој крај. Тука е стационирано и одморалиштето „Михајлово“, кое ќе ве пречека со гостољубивост. А секако има и викенд-куќи за приватно сместување.





Пехчевски Водопади


Пехчевските Водопади се вистинско изненадување на природата на Малешевските Планини. Најраскошните и инфраструктурно уредени се четирите големи водопади - Спиковскиот, Црн Дол, Скокото и водопадот на Жутачка Река. Сите се одлично уредени, обележани и достапни за секој вљубеник во природата. На самиот почеток на патеката е испишан стихот на Константин Миладинов - „Таму дарбите природна сила“. И навистина на секој чекор пределот нуди бујни извори, потоци, дебели сенки, летниковци, бујна природна убавина.
Водопадите се сместени во познатата викенд-населба Равна Река, која е оддалечена десетина километри од Пехчево. Прочуена по својата едноставност, недопрена природа и тишина.





Пониква

Пониква е најатрактивната точка на Осоговските Планини во Источна Македонија. Се наоѓа на околу 20 км од градот Кочани, на надморска височина од 1.560 метри. На позиција која нуди магичен поглед кон околните планини и прекрасно зајдисонце. Во лето е вистинско бегство од високите температури и жешкиот асфалт, а во зима се преобразува во ски-центар. Опколена со густа букова шума и разновидна вегетација, пространи пасишта, многубројни планинарски патеки... Нуди забава и анимација за сечиј вкус. Пониква стана привлечна викенд-населба, па викендичките совршено го надополнуваат целиот пејзаж.






Фото: Сања Јачевска
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема