Напорната работа не е она што ги прави компаниите силни, вели соосновачот на „Нетфликс“, Марк Рендолф. Успешните извршни директори и претприемачи често напредуваат затоа што имаат една вештина: способност да им дадат приоритет на проблемите за кои е потребно итно решение, вели Рендолф за време на едно интервју.
- Мислам дека напорната работа што води до успех е мит. Ако можам да бидам навистина паметен во врска со проблемите на кои избирам да се фокусирам, тоа ќе направи разлика - вели Рендолф.
Во „Нетфликс“, Рендолф се расправал за секој збор во еден текст и за секоја фотографија на производи наменети за потрошувачите, очајнички обидувајќи се да се увери дека финалниот производ е совршен пред да му биде пласиран на корисникот. Но, со текот на времето тој сфатил дека реакциите на корисниците немаат врска со тоа колку труд вложил за да ги направи работите убави и дека неговата цел, всушност, требало да биде добивање вистински повратни информации за недовршените тестови.
- Ако идејата имаше макар и навестување дека би можела да биде добра, без разлика колку тестот беше лош, тоа се гледаше. Корисниците веднаш би покажале интерес - објаснува тој.
Еден од тие тестови беше моделот на претплата на „Нетфликс“ кој ја елиминира потребата од надоместоци за изнајмување ДВД. Корисниците позитивно реагираа на поедноставното, помалку стресното корисничко искуство. Тоа помогна да се зголеми корисничката база на „Нетфликс“, со што по некое време „Нетфликс“ доби пазарна вредност од 289,29 милијарди долари
Кога е важна напорната работа?
Додека регрутерите и милијардерите ја истакнуваат вредноста на силната работна етика, Рендолф не е единствената личност што смета дека напорната работа понекогаш е преценета.
Напорната работа значи први да пристигнете во канцеларија и последни да заминете, но тоа не гарантира дека ќе станете извршен директор. Дополнително, истражување на „Стенфорд“ од 2014 година покажа дека продуктивноста на час опаѓа ако вложите повеќе од 50 часа неделно.
Наместо тоа, работете од 9 до 17 за да изградите добри односи со вашите соработници, особено ако тие можат да ви дадат повратни информации за вашата работа, вели Стејси Халер, главен советник за кариера во „Ресјумбилдер“.
Понекогаш ќе треба да вложите долги часови работа, особено на почетокот на кариерата или ако основате своја компанија, истакнува Рендолф. На крајот, постојаното форсирање достигнува точка која донесува помалку корист. Во суштина, фокусот ги одвојува вредните од паметните, додава тој
Фото: Unsplash