Пушењето цигари во бременоста не само што е штетно за здравјето на мајката туку може да предизвика и неповратна штета кај детето. Се зголемува ризикот од спонтан абортус, прерано породување, неправилна поставеност на фетусот, па дури и ризикот за појава на синдромот на ненадејна смрт.
Студија што се спроведува на Универзитетот за технологија во Сиднеј сугерира дека постои уште еден ризик. Со користење модели на животни студијата потврдува дека има поврзаност помеѓу пушењето во бременост и најчестото физичко нарушување во детството – церебралната парализа.
Церебралната парализа е повреда од малформација во развивањето на мозокот. Предизвикана е од зголемено умирање на клетките во одредени региони на мозокот што ги регулираат движењето и меморијата. Точната причина е непозната, иако се смета дека тоа е недостигот од кислород во мозокот што се развива.
Со спроведената студија се открило дека кога мајката пуши цигари додека е бремена, таа може да му го одзема потребниот кислород на бебето. Истражувачите се надеваат дека со идентификување на овој процес можеби ќе пронајдат начини да ги подобрат невролошките резултати кај бебињата од мајки пушачи. Очигледно е дека првиот чекор во превенцијата е мајките да се откажат од пушењето.
Друга студија спроведена на глувци покажала дека со високи нивоа на оксидативен стрес во мозокот почесто се случува самиот мозок да страда од функционални нарушувања како церебрална парализа. Се открило дека
децата од мајките пушачи се повеќе несмасни во текот на адолесценцијата, имаат послаби екстремитети, поанксиозни се и имаат послаби функции за меморија кои ги ограничуваат нивните способности за учење.
Потенцијалните превентивни стратегии за мајките пушачи, според експертите, подразбираат снабдување со додатоци со антиоксиданти за време на бременоста за чистење на токсичните хемикалии. Вакви тестови досега се спроведувале и крајните резултати биле успешни.