Во оваа рубрика ви презентираме интересни податоци за нашата земја
Само 2 отсто од светската популација имаат доволно висок коефициент на интелигенција за да членуваат во „Менса“. Основна цел на организацијата е откривање на натпросечно интелигентните луѓе и нивно поврзување. Дали знаете колкав е овој процент во Македонија?
Во нашата земја постои
„Менса Македонија“, основана во 1999 година под капата на Mensa International®. Според статистиката на оваа организација, процентот на натпросечно интелигентни луѓе во земјава е сличен со тој на светско ниво. Во изминатите 20 години биле тестирани илјадници луѓе, но до март оваа година условот за членство го исполниле 840 лица. Тие спаѓаат во горните 2% од вкупната популација.
Постојат многу теории и дефиниции дека интелигенцијата е интелектуална способност за брзо учење од претходно искуство, приспособување на нови ситуации, потенцијал за разбирање и користење апстрактни концепти. Според современите сфаќања, степенот на интелигенцијата е наследно одреден, а се модифицира под влијание. Прифатено е коефициентот на интелигенција да се претставува како однос помеѓу психичката возраст на личноста и возраста мерена календарски во месеци и тоа помножено со 100.
Фото: „Менса Македонија“
Стандардизираните тестови за интелигенција се со просечен коефициент од 100. Според досегашните статистики, поделбата е на следниов начин:
- Екстремно ниска интелигенција (до 69),
- Потпросечна интелигенција (70-89),
- Нормално развиена интелигенција/просечна интелигенција (90-109),
- Натпросечно ниво (110-130),
- Високо интелигентен (131 и повеќе), што значи дека резултатот е во горните 2% од вкупното население и дека е исполнет условот за членство во „Менса“.
За да се стекнете со правото да стане член на организацијата, потребно е коефициентот на интелигенција да ви биде над 131. Членовите на „Менса Македонија“ се избираат според општо прифатените критериуми на Mensa International®. Тестот за интелигенција се состои од 45 прашања за кои треба да се изнајде решение за 20 минути. Сите 45 прашања се состојат од 8 фигури/слики за кои треба да се пронајде деветтата последователна фигура во низата, помеѓу 6 понудени одговори. Секое лице над 16 години има право најмногу трипати да го полага тестот. Интересно е што резултатите од тестирањата се тајни. Дури ни член на „Менса“ не знае колкав е коефициентот на интелигенција на друг член.