X
 06.12.2020 Наша тема

Дали знаете: Каде се наоѓа Кутмичевица, областа каде што учителствувал св. Климент Охридски?

Покрај Рим и Цариград во 9 и 10 век, Охрид бил трет главен христијански центар во Европа, пишува академик Петар Хр. Илиевски во книгата „Појава и развој на писмото“

„Само што се распалил факелот на словенската евангелска просвета во Моравија, за малку ќе згаснел по смртта на св. Методиј ако неговите верни ученици не го пренеле, односно го вратиле на Балканот од каде што бил и запален. Најголемите заслуги за тоа неоспорно им припаѓаат на двајцата најревносни следбеници, светите Климент и Наум Охридски, кои со прометејски подвиг успеале да го спасат и успешно да го продолжат сјајно започнатото дело на сесловенските првоучители Кирил и Методиј, прво во Плиска, потоа во Македонија. Благодарение на нивната самопрегорна просветителска дејност, Македонија повеќе од еден век била главен центар на словенската писменост и христијанската култура. Покрај Рим и Цариград во 9 и 10 век, Охрид бил трет главен христијански центар во Европа“, пишува во книгата „Појава и развој на писмото“ од класичниот филолог и академик Петар Хр. Илиевски, издание на Македонската академија на науките и уметностите.

Св. Климenт Охридски / Фото: Wikimedia

Во делото академик Илиевски го опфаќа и интересното прашање за Кутмичевица - областа во Македонија каде што св. Климент во 886 година ја започнал учителската дејност.
„Забележително е дека област со вакво име, Кутмичевица, не е најдена и не е одбележена на ниедна географска карта, ниту во некој ономастички лексикон, а не е јасна ни етимологијата на називот. Иако се дадени многубројни и различни претпоставки каде можела да се наоѓа таа област, досега и тоа прашање не е дефинитивно решено“, вели Илиевски.

Тој смета дека само со помошта на филолошка (лингвистичко-ономастичка и етимолошка) анализа на името би можело да се фрли извесна светлина врз неговата форма и начинот на зборообразување, па тргнувајќи од неговото значење да се убицира поблиску и местото на кое се однесува. Називот Кутмичевица е споменат во две форми во Опширното грчко житие на св. Климент, кое му се припишува на охридскиот архиепископ Теофилакт (1090-1107) и никаде на друго место.
„Неоспорно, тоа е словенски географски назив, но во ваква форма тој не е документиран, ниту на мапа ниту во литературата. Името е општоприфатено како Кутмичевица, но фактот што тоа се јавува во повеќе варијанти укажува дека нешто кај него не е во ред, имено, дека е погрешно запишано, можеби уште во автографот. Забележително е дека основата од која е изведен називот е необична. Не само во словенските и балканските, туку и во другите европски јазици“, вели Илиевски.

Црквата „Св. Климент“ на Плаошник / Фото: Pixabay

Етимологијата на името Кутмичевица не било предмет на позадлабочена лингвистичка студија. Често имињата погрешно биле пренесувани, особено кога ги запишувале (предавале) лица од другојазична припадност. Имајќи предвид вакви и многу други искривувања на словенски топоними од византиски автори, спонтано се јавува оправдано сомнение во исправноста на називот Кутмичевица. „Самиот факт што тоа се јавува само на едно место во текст на византиски автор буди недоверба и бара поголема критичност од истражувачот“, вели Илиевски во книгата и прави подробна анализа на можните опции како гласело тоа во оригиналот.

„Треба уште еднаш да се нагласи дека називот Кутмичевица(?) е погрешно прочитан и запишан словенски збор од византиски автор. Ономастичката и графичката анализа ме доведоа до заклучокот дека на негово место имало име изведено од основата кутел. Со минимална интервенција во коруптелата ги изведовме реконструираните форми Кутлиница, Кутличица, Кутличиница, Кутличевица, кои не се документирани, но се многу веројатни. Ако се појават други писмени споменици со поверодостојна форма на ова име, радо ќе прифатам корекција. Но засега, колку што ми е познато, нема такви извори“, заклучува Илиевски.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема