X
 27.09.2022 Живот

Граѓаните да внимаваат при пешачење на Водно – се појавиле диви свињи над Пржино

Граѓаните треба да бидат внимателни при движење на локации во планинските пешачки зони на Водно каде што може да наидат на диви свињи. При евентуална средба со дивите свињи, граѓаните треба да бидат смирени, да не ги напаѓаат за да не ги предизвикаат, бидејќи при нивната одбранбена реакција може да ги повредат, изјави денеска Илија Бојаровски од Центарот за управување со кризи.

Ако досега имало пријава само за контакт со диви свињи во високите шумски предели, сега, појасни тој, тие се појавуваат и во Скопје, како што е случајот со населбата Пржино, а и други населби на граница со природата во скопско.

- Тоа е заради тоа што голем број овошки зреат во планината и во населбата и трагајќи по храна, дивечот се спушта и во населбите. Лицата што ги шетаат своите миленици да го одбегнуваат работ на населбата Пржино, каде што започнува шумата, бидејќи инстинктите на кучињата и дивите свињи не може да бидат предвидени, и тоа да не го прават во доцните вечерни часови и во раните утрински часови. Во последниот неколкугодишен период е зголемен ризикот од појава на болеста африканска чума кај дивите свињи и тоа е плус да алармираме на нивниот зголемен број на Водно, бидејќи нема специјализирана институција за справување со ваква или слична појава - рече Бојаровски.

- Дивата свиња се движи навечер, а преку ден одмара во густежите кои ги имаме на потегот од Водно, над Пржино, потоа Средно Водно до Нерези. Сѐ додека има вода и храна, дневно може да помине дури и по 70 километри и да се врати таму каде и е леглото. ЦУК преку единствениот повикувачки број за итни случаи 112 е во постојна комуникација со граѓаните и сериозно ги третира дојавите за опасност за животот и материјалните добра - додаде Бојаровски.

Извор: МИА





Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот