X
 27.10.2018 Економија

Секој работник ќе добие по 5.000 евра за дошколување

Француските работодавци се најдоа пред парадокс. Иако невработеноста во втората економија во еврозоната е на прилично високо ниво во споредба со остатокот од тоа подрачје, до квалификувани работници со потребните вештини е сѐ потешко да се дојде.

Податоците од националниот завод за статистика покажуваат дека сѐ поголем број компании имаат проблем со недостигот на квалификувана работна сила, иако стапката на невработеност за европски стандарди е на релативно високи 9 отсто. Минатата година дури 330 илјади огласи за работа останале непотполнети. Извештаите покажуваат дека девет од десет средно големи компании се соочуваат со тој проблем.

Според мислењето на работодавците, главната причина за недостиг на квалификувани работници лежи во неадекватното образование. Француската влада се надева дека со системот за преквалификација и дошколување вреден 32 милијарди евра ќе успее да ги подобри вештините на работната сила и да ја намали невработеноста.

Владата во март објави дека од јануари 2020 година секој работник, вклучително и оние што се вработени на половина работно време, ќе може да искористи ваучер во вредност од 5.000 евра за курс или дошколување по сопствен избор.

За лицата без квалификација, вредноста на ваучерот ќе се зголеми на 8.000 евра. Оваа мерка ќе се дополни со програма за преквалификација на милион невработени и милион матуранти од средните училишта. Иако работодавците и економистите ги поздравуваат овие мерки, тие предупредуваат дека може да поминат години пред да бидат видливи првите ефекти.

- Мерките бараат време и силен дијалог меѓу корпоративниот сектор, училиштата и средношколското образование - смета Мичала Маркусен, економистка од банката „Сосиете џенерал“.

Меѓутоа, дел од аналитичарите сметаат дека образованието е само дел од решението.

Николас Бузу, директор на центарот за економски истражувања „Астерес“, смета дека причина за проблемот со недостиг на квалификувани работници лежи во великодушниот систем на социјална помош кој не ги мотивира невработените Французи да најдат работа, но и во недостигот на соодветно сместување во деловите од земјата што бележат висока невработеност.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија