Руската морнарица официјално извести дека открила пет нови острови што се појавиле поради топењето на глечерите на оддалечениот Арктик. По довршувањето на експедицијата во август и септември тие на мапите исцртале острови кои дотогаш биле скриени под глечерите, но сè уште не ги именувале, истакна шефот на северната флота, вицеадмиралот Александар Моисејев.
Тој на прес-конференција објасни дека до тоа дошло поради промените што се случуваат со
ледот.
- Таму порано имало глечери. Топењето, колабирањето и промените во температурата доведоа до откривањето на овие острови - истакна Моисејев.
Загубата на глечерите на Арктикот во периодот од 2015 до 2019 година била полоша отколку во кој било друг петгодишен период откако се спроведуваат мерења, открива извештајот на ОН за последиците од глобалното затоплување, објавен минатиот месец.
Локацијата на новооткриените острови
Фото: Guardian
Русија во последните неколку години отвори низа воени и научни бази на Арктикот, а интересот за регионот расте како што растечките температури отвораат бродски рути и го олеснуваат искористувањето на досега непристапните ресурси на минерали. Годинешната руска експедиција на два архипелага - Земјата на Франц Јосиф и Нова Земја - вклучуваше тим од 60 лица, меѓу кои беа и цивили од Руското географско друштво.
Членовите на експедицијата снимија и момент кога лут
морж го нападна нивниот чамец, а снимката стана вирална минатиот месец.
- Двата месеца за време на експедицијата во Земјата на Франц Јосиф можеме да ги опишеме како топли. Имавме среќа затоа што можевме да одиме на острови на кои брегот и крајбрежната вода не секоја година се без лед - истакна Денис Крец, командант на експедицијата.
За време на експедицијата руските војници откриле пет нови острови во еден од заливите на големиот архипелаг Нова Земја. Иако новооткриените острови претходно биле уочени на сателитските снимки, експедицијата прва ги видела во живо. Моисејев најави дека секој од островите наскоро ќе добие и име.
Инаку, летово беа објавени информации дека
Русија кон својата територија ќе додаде седум нови острови.