X
 19.01.2019 Економија

Ниедна држава не произведувала толкави количини на нафта како САД деновиве

Цените на нафтата во четвртокот паднаа на меѓународните пазари поради назнаките за слабеење на побарувачката, додека од друга страна производството на нафта во САД се приближи до досега незабележаното ниво од 12 милиони барели дневно.

На лондонскиот пазар цената на барелот во претпладневното тргување падна за 37 центи во однос на претходниот ден, на 60,95 долари, додека на американскиот пазар со барелот се тргуваше по 39 центи пониска цена од 51,92 долари.

Американското производство на сирова нафта минатата недела достигна рекордни 11,9 милиони барели дневно, што е досега највисокото ниво на производство на една земја во светот.

Од јануари минатата година, производството во САД пораснало за 2,4 милиони барели дневно, што на пазарите предизвикува страв во врска со прекумерната понуда на пазарите.

Официјалните податоци на американската влада покажуваат дека залихите на бензин минатата недела се зголемиле за 7,5 милиони барели, далеку над просечната прогноза на аналитичарите во истражувањето на Ројтерс, кои очекуваа раст од 2,8 милиони барели. Така, залихите на бензин достигнаа 255,6 милиони барели, што е најголемото неделно ниво од февруари 2017 година.

- Во САД дојде до големо зголемување на резервите на бензините, а тоа беше поттикнато од стравот од слабеење на побарувачката во таа земја - наведуваат аналитичарите.

Залихите на деривати пораснале за три милиона барели, додека аналитичарите очекуваа зголемување од 1,6 милиони барели, покажуваат официјалните американски податоци.

Фото: Pixabay

Како што се зголемува американското производство на сирова нафта, расте и извозот од САД, па до крајот на минатата година извозот достигна рекордни 3,2 милиони барели дневно.

-Извозот на сирова нафта од САД силно се зголеми во текот на последните неколку години, а се очекува и продолжување на овој тренд - пишуваат аналитичарите на брокерската куќа „Банчеро Коста“.

Норберт Рикер, од швајцарската компанија „Јулиус Баер“, проценува дека „САД се движат кон енергетска независност и се на патот следната година да станат поголем извозник отколку увозник, благодарение на зголеменото производство од шкрилци.

Скокот на американското производство доаѓа во период кога расте загриженоста поради можното слебеење на побарувачката за нафта поради забавувањето на растот на светската економија.

Во настојувањата да го сопрат растот на понудата, Организацијата на земјите изввознички на нафта и нејзините партнери надвор од групата, најмногу Русија, го намалуваат производството.

Тоа го спречи дополнителниот пад на цените на сировата нафта и покрај слабеењето на побарувачката и зголеменото производство во САД.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија