X
 27.10.2025 Живот

Мозочната магла погодува сѐ повеќе млади лица

Голема американска студија покажала дека процентот на возрасни од 18 до 39 години кои пријавуваат сериозни тешкотии со концентрирањето, помнењето или носењето одлуки речиси се дуплирал во изминатата деценија - од 5,1 % во 2013 година на 9,7 % во 2023 година. Истражувањето, објавено во списанието „Неврологија“, користело податоци од повеќе од 4,5 милиони испитаници.

Клучните двигатели на овој тренд се луѓето на помлада возраст. Имено, иако има мало намалување на случаите на когнитивни проблеми кај луѓето над 70 години, тешкотиите со меморијата, концентрацијата и носењето одлуки сè повеќе ја мачат помладата популација.

Сериозен сигнал

Експертите предупредуваат дека ова е сериозен сигнал. Иако не е клинички потврдена деменција, таквата масовна промена може да го одразува влошувањето на когнитивните способности кај работоспособното население, со големи последици врз продуктивноста, образованието и здравствениот систем. Авторите истакнуваат дека социјалните и структурните фактори играат клучна улога: мозочната магла е значително почеста кај луѓето со пониски приходи и пониско ниво на образование, како и кај расните и етничките малцинства.

Иако причините сè уште не се целосно разбрани, можните објаснувања вклучуваат сè постресни ритми на работа и живот кај младите возрасни, пораст на мултитаскингот, дигитално преоптоварување, слаб сон, зголемена анксиозност и финансиски притисоци, како и помалку социјални и здравствени ресурси, велат истражувачите.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот