Знаете, понекогаш, да речам сè почесто, се прашувам - дали има пилот во леталово? Да бидам попрецизна, мислам на леталото наречено социо-образовен систем. Со години, па и децении наназад овој систем го одбележаа низа скандали, од несоодветни учебници со вџашувачка содржина, дискутабилни резултати од меѓународното ПИСА-тестирање на учениците, необјасниво и вџашувачко однесување и дивеење низ училиштата со класично демолирање на училишниот инвентар, катастрофални хигиенски услови во училиштата до крајно несоодветно однесување на стручниот кадар во воспитно-образовните институции. Системот кој треба да биде темел на општеството и кој треба да ја произведе идната работна сила е еродиран до тој степен што ако човек се обиде да се фокусира на можните носители на одговорност, ќе се изгуби во вителот од закони, надлежни институции, незаинтересирани, деградирани и разочарани вработени, неодговорни родители, разгалени деца и што ли уште не. И од сите нив ни збор, целосен молк, а одговорност - можеби во некој друг живот, пишува Ирина Микеска.