X
 06.02.2018 Образование

Основа на образованието е инспиративен учител!


Дечиња со музички настап и нивната учителка
(Фото: Pixabay)


Новиот министер за образование на Велика Британија, Демијан Хиндс, го поздравува потенцијалот на технологијата во намалувањето на оптоварувањето на учениците, но истовремено ја потенцира и важноста на училиштата кои ги развиваат капацитетите на учениците.

„Технологијата ќе го олесни работното оптоварување на наставниците, а нивните работни места ќе бидат гарантирани и покрај сè поголемиот развој на автоматизацијата, затоа што директното подучување и натаму останува клучно“ – изјави тој.

Во својот прв говор како министер за образование, Хиндс нагласи:

„Технологијата мора да има улога во нашето подрачје, како што ја има и во останатите, таа мора да го олесни оптоварувањето на наставниците, што е голем проблем на учителите во оваа земја. Посакувам заеднички да работиме на тоа прашање“.

„Технологијата исто така ни овозможи да го следиме и да го надгледуваме напредокот на учениците, како и да им приближиме нови видови содржини кои би ги запознале со сосема нови светови“, истакна Хиндс на Образовниот форум во Лондон.

Но, тој посочи дека иако во училиштата постои одредена несигурност во врска со користењето на технологиите, тие сепак никогаш нема да ја заменат улогата на учителот.

„Несигурно“ користење на технологиите


„Знам дека постои одредена несигурност во училиштата кога се работи за користењето технологии“, истакна Хиндс. „Сакам да бидам многу јасен – во истражувањето што го спроведе министерството за образование на Обединетото Кралство во врска со одделенското подучување и начинот на кој тоа функционира, апсолутно е јасно дека директното подучување е од клучна важност.“

„Луѓето се тие што ја прават оваа професија тоа што е, а инспиративните учители се основата на детското образование.“

„Квалификациите се најважната работа што ја носите со себе низ животот, но тие не нудат целосна слика за тоа што вие ќе постигнете“, вели тој.

„Многу работи надвор од сферата на квалификациите се исто така важни – способноста да верувате дека можете да успеете, дека можете да издржите на задачата што ви е доверена, да ја разбирате врската меѓу трудот што го вложувате и наградите што би можеле да следуваат во иднина... Способноста да се справите со ударите што животот неодминливо ги задава.“

Како поранешен министер за вработување, Хиндс исто така истакна дека многу работи чул од работодавците за важноста на работните места и за потребните вештини за вработување.

„Понекогаш тие вештини се нарекуваат ’суптилни, префинети вештини‘. Јас сметам дека нема ништо суптилно во врска со нив. Реалноста на овие вештини е дека тие, заедно со личноста и отпорноста, се пресудни за тоа колку некој може да постигне во животот, но и за успехот на нашата економија.“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование