Наставник од рурална Кенија, кој го донирал поголемиот дел од својата плата за да им помогне на сиромашните ученици, беше прогласен за најдобар наставник во светот и е награден со 1 милион долари, победувајќи меѓу 10.000 номинирани наставници од 179 земји.
36-годишниот Питер Табичи, наставник по математика и физика во средното училиште „Керико“ во селото Пвани, во оддалечен дел во долината Рифт, ја освои наградата за глобален наставник за 2019 година од фондацијата „Вракеј“. Табичи, кој е член на францисканскиот верски поредок, ја прими наградата на церемонијата во Дубаи, чиј водител беше актерот Хју Џекман.
Табичи давал 80 отсто од својот приход за да им помогне на најсиромашните ученици во слабо опременото училиште кои не можеле да си дозволат униформи и книги.
Фото: AFP/Getty Images
Повеќе од 90 отсто од неговите ученици потекнуваат од сиромашни семејства и речиси една третина се сирачиња или имаат само еден родител. Учениците често се соочуваат со дрога, бременост во текот на тинејџерските години, млади бракови и самоубиства. За да стигнат до училиште, тие мора да пешачат 7 километри по патишта што често стануваат непроодни во дождовните сезони, а областа често пати е погодена и од суша и глад.
И покрај тоа што има само еден компјутер, слаба интернет-конекција и сооднос 58:1 помеѓу учениците и наставниците, Табичи започнал „клуб за негување на таленти“ и го проширил научниот клуб на училиштето, помагајќи им на учениците да дизајнираат истражувачки проекти со таков квалитет што многумина сега се квалификуваат за национални натпревари.
Неговите ученици учествуваат на меѓународни научни натпревари и освоија награда од Кралското друштво за хемија откако успеале да произведат електрична енергија користејќи го локалниот растителен живот. Табичи и неговите колеги исто така ги посетуваат домовите на учениците и нивните семејства за да ги идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат и да им помогнат во учењето.
Запишувањето во училиштето е двојно зголемено на 400 во текот на три години, особено кај девојчињата.
- Тука сум само поради тоа што го постигнаа моите ученици. Оваа награда им дава шанса. Му кажува на светот дека можат да направат нешто - изјави тој кога ја прими наградата.
Претседателот на Кенија, Ухуру Кенјата, во видеопорака му рече: - Питер, твојата приказна е приказната за Африка, млад континент што изобилува со талент.
Сега наградата беше поставена за да се потенцира виталната улога на наставниците во општеството.
Сани Варкеј, основач на фондацијата „Варкеј“, рече дека се надева оти приказната на Табичи ќе ги поттикне другите да се одлучат за професијата наставник и со тоа да привлечат внимание и да ја стават во центар инспиративната работа што наставниците ја прават за да ја направат иднината посветла од сегашноста.
Табичи рече дека младите луѓе во Африка повеќе нема да бидат спречени од ниските очекувања.
- Африка ќе создава научници, инженери, претприемачи чии имиња еден ден ќе бидат познати во секој агол на светот. И девојките ќе бидат огромен дел од оваа приказна. Верувам дека науката и технологијата можат да играат водечка улога во отклучувањето на потенцијалот на Африка. Утро е во
Африка. Небото е чисто. Ова е време за Африка - изјави тој.
Минатата година наградата ѝ припадна на Андрија Зафиракоу, наставничка по ликовно од северен Лондон. Наставникот Ендрју Мофат, кој се најде на насловните страници на вестите поради конфликтот со родителите во врска со ЛГБТ-часовите во британските училишта, беше меѓу првите 10 финалисти.