X
 28.01.2021 Живот

Грета Тунберг до светските лидери: „Три децении слушаме бла, бла, бла. Уште колку ви требаат?“

Младата активистка Грета Тунберг побара итно дејствување за решавање на климатската и еколошка криза на годишниот самит во Давос, организиран од Светскиот економски форум. Во продолжение следува превод од нејзиниот говор на состанокот што се одржа минатата недела.

- Се викам Грета Тунберг и не сум тука за да правам зделки. Знаете, не сум дел од финансиска иницијатива или политичка партија. Затоа не можам да се пазарам или да преговарам. Тука сум за да ве потсетам уште еднаш на итната состојба во која се наоѓаме. Кризата која вие и вашите претходници ја создадовте и ни ја нанесовте. Кризата што продолжувате да ја игнорирате.

Тука сум за да ве потсетам на ветувањата што им ги дадовте на вашите деца и внуци. И да ви кажам дека не сме подготвени за компромис за минималните безбедносни нивоа што сè уште остануваат.

За жал, климатската и еколошката криза повеќе не може да се решат во рамките на денешните системи. Според моментално најдобрите научни методи, тоа повеќе не е мислење, туку факт.

Треба да го имаме ова предвид додека земјите, компаниите и инвеститорите брзаат да ги претстават нивните нови таканаречени „амбициозни“ климатски цели и заложби. Колку подолго ја избегнуваме оваа непријатна вистина и подолго се преправаме дека може да ја решиме климатската и еколошка состојба, без да ја третираме како криза, толку повеќе скапоцено време ќе изгубиме. А го немаме ова време.

Денес ги слушаме лидерите и државите низ светот како зборуваат за „егзистенцијална климатска состојба“. Но наместо да преземаат итни мерки какви што би презеле во која било вонредна состојба, тие поставуваат нејасни, хипотетички цели за далечната иднина, како „нула нето-емисии 2050“. Цели засновани на дупки и нецелосни броеви. Цели што се еднакви на откажување. Тоа е како да се разбудите среде ноќ, ја гледате куќата како гори и одлучувате да чекате 10, 20 или 30 години пред да ја повикате противпожарната служба додека ги осудувате како алармисти оние што се обидуваат да ги разбудат другите.


Разбираме дека светот е многу сложен и дека промената нема да се случи преку ноќ. Но веќе три децении слушаме бла, бла, бла. Уште колку ви требаат? Бидејќи кога станува збор за соочување со климатската и еколошка состојба, светот сè уште е во состојба на целосно негирање. Правдата за најпогодените луѓе во најпогодените области систематски се негира.

Иако ја поздравуваме секоја иницијатива за климата, предлозите што се претставуваат и дискутираат денес се далеку од доволни. А одамна помина времето за „мали чекори во вистинската насока“. Ако имаме барем мала шанса да ги одбегнеме најлошите последици од климатската и еколошка криза, ова треба да се промени.

Бидејќи сè уште зборувате една работа, а потоа го правите спротивното. Зборувате за спасување на природата, притоа донесувајќи закони за дополнително уништување во наредните децении.

Ветувате дека нема да ги изневерите идните генерации, а притоа создавате нови дупки, не успевате да ги поврзете точките, создавате услови за мамење што нè доведоа до овој хаос. Ако се исполнат обврските за намалување на нашите емисии за 70, 68 или дури и 55 отсто до 2030 година, тогаш тоа би бил одличен почеток. Но, за жал, не е така.


Фото: Wikipedia

И бидејќи нивото на јавната свест продолжува да биде ниско, нашите лидери сè уште може да се извлечат со речиси сешто. Никој не одговара. Како игра е. Победува оној што најдобро ќе ја спакува и продаде својата приказна.

Како што е сега, може да имаме колку сакаме самити и состаноци, но доколку не ја третираме климатската и еколошка криза како криза, нема да се постигнат доволно промени. Она што ни треба, за почеток, е да спроведуваме годишни обврзувачки буџети за јаглерод врз основа на моментално најдобрите достапни научни методи.

Сега, повеќе од кога било, очајни сме за надеж. Но што е надежта? За мене надежта не претставува празни гаранции дека сè ќе биде во ред, дека некој работи на случајот и не треба да се грижиме.

За мене, надежта е чувство што ве придвижува, дури и кога сите шанси се минимални. За мене надежта доаѓа од дејствување, а не само од зборови. За мене, надежта е да се кажува како што е. Без разлика колку е тешко или непријатно.

Повторно, не сум тука за да ви кажам што да правите. На крајот на краиштата, зачувувањето на идните услови за живот и зачувувањето на животот на Земјата каков што го знаеме е доброволно. Ваш е изборот.

Но може да ве уверам во ова. Не може да преговарате со физиката. И вашите деца и внуци ќе ве сметаат за одговорни за изборите што ги правите. Ви одговара тој договор?

Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот