X
 24.07.2020 Наука

Нова метода за лекување на Ковид-19 ја намалува потребата за интензивна нега за 79 отсто

Прелиминарните резултати од клиничките испитувања укажуваат дека новиот метод на лекување на Ковид-19 може да го намали бројот на пациенти што имаат потреба од интензивна нега.

Биотехнолошката компанија „Сунаирген“, со седиште во Саутемптон, тестирала протеин наречен „интерферон бета“ на болните пациенти од коронавирус, а кој нормално го произведуваат клетките од нашиот имунолошки систем при вирусна инфекција.


Испитаниците преку небулизатор го вдишуваат протеинот директно во белите дробови за да постигнат имунолошки одговор колку што е можно поскоро. Првичните резултати покажале дека овој метод на лекување може да ја намали веројатноста хоспитализираниот пациент да заврши на интензивна нега или да има потреба од респиратор за 79 отсто.

По вдишувањето на протеинот, пациентите имале два до трипати поголема веројатност да закрепнат, тврди компанијата „Синаирген“.

Клиничките испитувања исто така покажаа дека кај пациентите бил намален недостигот на здив по вдишувањето на протеинот, а просечното време поминато во болница било намалено за една третина, од 9 на 6 дена.

Испитувањето вклучувало 101 доброволец, примени на лекување во девет болници во Велика Британија, а кои имале Ковид-19. Половина од учесниците го примиле лекот, а другата половина го добила она што е познато како плацебо - неактивна супстанција.

Непотврдени резултати


Правилата на берзата значат дека „Синаирген“ е должен да ги пријави прелиминарните резултати од испитувањето.

Резултатите не се објавени во списание, ниту пак се ставени на располагање сите податоци, така што Би-би-си не може да ги потврди тврдењата за третманот.

Но, ако резултатите се како што велат од компанијата, тоа ќе биде важен чекор во третманот на инфекцијата со Ковид-19. Научникот надлежен за испитувањето, Том Вилкинсон, вели дека доколку резултатите се потврдат во поголемите истражувања, новиот третман ќе биде „менувач на играта“.

kovid
Фото: Freepik

Испитувањето било релативно мало, но сигналот дека лекувањето придонесува за пациентот е особено силен, вели тој.

- Не можевме да очекуваме подобри резултати од овие - вели главниот извршен директор на „Синаирген“, Ричард Марсден. Тој го опишува резултатот како огромен напредок во третманот на хоспитализираните пациенти.

Што ќе се случи следно?


Компанијата „Синаирген“ најави дека во текот на наредните неколку дена своите наоди ќе им ги претстави на регулаторните медицински установи низ светот за да дознае кои се чекорите потребни за одобрување на овој метод на лекување.

Процесот би можел да трае со месеци, иако британската влада, како и многу други влади, соопшти дека ќе ја забрза постапката за одобрување на потенцијални третмани за Ковид-19.

Постои можност оваа метода да добие итно одобрување, како што во мај доби антивирусниот лек „ремдесивир“. Друга можност е регулаторните тела да одобрат тестирање на поголем број испитаници и внимателно да го следат продолжувањето на истражувањето.

Како функционира третманот?


„Интерферон бета“ е дел од првата одбранбена линија против вирусот, а изгледа дека коронавирусот при напад на нашиот организам работи на тоа да го уништи производството на овој протеин. Научниците преку клинички испитувања сакале да докажат дека вдишувањето на формулацијата на „интерферон бета“ што обично се користи во лекувањето на мултиплекс склероза предизвикува засилен противвирусен одговор дури и кај пациенти со послаб имунолошки систем.

Како бил тестиран третманот?

Никој вклучен во испитувањето не знаел на кој пациент му бил даден третманот, додека не завршил.

- Ако знаете дека примате лек, вашиот ум може да биде пристрасен - вели Сенди Ајткен, една од медицинските сестри што им го ставала новиот лек на пациентите во болницата во Саутемптон.

Тимот на „Синаирген“ верува дека лекот би бил уште поефикасен во раните фази на инфекцијата.

Што велат другите експерти?

Професорот Стив Гуарда од Универзитетот во Шефилд, експерт за итна медицина, вели дека се потребни целосни детали, и уште поважно - пробен протокол.

- Резултатите се импресивни иако испитувањето е мало, со нешто повеќе од 100 учесници - вели Новед Сатар, професор по метаболичка медицина на Универзитетот во Глазгов.

- Добро е да се видат целосните резултати откако ќе бидат презентирани и рецензирани за да се осигуриме дека се силни и пробното испитување е ригорозно. Исто така, со помал број доаѓа помала сигурност за вистинското ниво на придобивки или придобивките варираат помеѓу луѓето со различни карактеристики на ризик. Ова ќе бара повеќе испитувања, но, сепак, резултатите се многу возбудливи - додава тој.

Извор: ВВС
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука