X
 15.01.2018 Наука

Научниците имаат два одговори зошто во Сахара падна снег


Снег во Сахара
(Фото: Karim Bouchetata / Geoff Robinson)


Пред неколку дена несекојдневните временски услови донесоа снег во најтоплата пустина на светот, Сахара.


Ова е третпат на оваа локација да падне снег, и тоа во последните 37 години. Првпат е забележан во 1979 година, а вторпат во 2016. Тоа коинцидира со други примери на екстремни временски услови на целата планета – од непостојните зими кај нас, преку најстудените зими некогаш евидентирани на североистокот од Америка, до тоа што во Австралија температурата на воздухот достигна 47 степени... во пролет!

Високиот притисок над Европа „поттурна“ студен воздух јужно од Сахара, што инаку не е случај. Во текот на летото просечната температура достигнува 38 Целзиусови степени и жителите на планината Атлас подобро се справуваат со жештината отколку со мразот и снегот.

На снегот, кој напласти 40 сантиметри, најмногу му се израдуваа најмладите во населените места во Сахара, но до попладнето веќе се растопи бидејќи температурата се искачи до 10 Целзиусови степени.

Додека едни оваа необична појава им ја припишаа на климатските промени и забрзаното глобално затоплување, други научници сметаат дека во Северна Африка почнува нов, влажен, климатски период.


Од пред 11.000 години до пред 5.000 години, Северна Африка била зелена, плодна и преполна со езера и реки, сè додека нешто релативно нагло не го прекинало „напливот“ на влажни текови.

Палеонтолозите и археолошките наоди покажуваат дека таму тогаш живееле слонови, антилопи, нилски коњи и стадо диви коњи што ги ловеле ловци и тие сцени ги сликале на внатрешноста на пештерите. Таа ера е директен резултат на африканската монсунска клима која создава впечаток на периодична варијација во Земјината орбита околу Сонцето што се случува на секои 20.000 години, а се повторува од геолошката епоха миоцен (пред 23-5 милиони години).

Сите три Миланковичеви циклуси на движење низ кои периодично минува Земјата во текот на ротацијата околу својата оска и револуцијата околу Сонцето – ексцентричноста на орбитата, наклонот на оската и прецесијата – влијаат врз климата, па оттаму и влегувањето на монсунските дождови (влажни текови) на просторот на Северна Африка.

Сепак, останува фактот дека, лаички кажано, е прерано за нова „влажна ера“ и дека поверојатно станува збор за радикални климатски промени предизвикани од загревање на Земјината атмосфера, на какви што сведочиме сè почесто.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука