Група астрономи неодамна објавиле приказ на ноќното небо што наликува на фотографија од небо полно со ѕвезди. Но не станува збор за тоа. Приказот е мапа, а секоја од белите точки на мапата претставува супермасивна црна дупка. На мапата има вкупно 25.000 бели точки, а таа претставува една од најдеталните мапи на црни дупки снимени на ниски радиофреквенции. Научниците работеле на неа со години.
- Ова е резултат на долгогодишна работа со неверојатно комплицирани податоци. Моравме да измислиме нови методи за претворање на радиосигналите во слики на небото - објаснил астрономот Франческо де Гасперин од Универзитетот „Хамбург“ во Германија.
Црните дупки не испуштаат никакво видливо зрачење кога мируваат, па затоа е тешко да се забележат. Кога се активни и голтаат материјал околу нив, тие испуштаат интензивно зрачење на повеќе бранови должини и може да се регистрираат со телескопите. Новата мапа е посебна бидејќи ги покрива и зрачењата со ултраниски фреквенции.
Астрономите користеле специјален радиотелескоп кој се состои од 20.000 антени распоредени на 52 локации низ Европа за да ги детектираат црните дупки. Биле користени и суперкомпјутери за да се отстранат пречки на фотографиите предизвикани од јонизираниот слој во нашата атмосфера.
Мапата прикажува 4 отсто од северното небо и претставува дел од амбициозен план за снимање на целото северно подрачје на ултраниски фреквенции. Северното небо или северната небесна
хемисфера е оној дел од небото што се наоѓа над делот од планетата што се наоѓа северно од екваторот. Истражувањето за мапата наскоро треба да биде објавено во списанието „Астрономи енд астрофизикс“.
Извор:
index.hr
Фото: Universiteit Leiden