Дали сме сами во вселената? Пред четириесет години научниците од НАСА се обидоа да одговорат на тоа прашање лансирајќи го „Војаџер“, две беспилотни вселенски летала кои отпатуваа подалеку од кој било објект конструиран од човекот во историјата.
Тие и понатаму патуваат.
Кога „Војаџер“ 1 и 2 беа лансирани во 1977 година, научниците многу малку знаеја за надворешните планети на Сончевиот Систем и тешко дека можеа да го замислат опсегот на претстојната вселенска одисеја.
„Никој од нас не претпоставуваше дека и после 40 години ќе трае ова пионерско патување“, изјави проектниот научник на „Војаџер“,
Ед Стоун.
Главна задача на „Војаџер“ беше истражување на Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун, но во длабоката вселена, во случај да се сретне со вонземјани, да ја однесе и приказната за човештвото.
На двете летала се наоѓаат грамофон и златна плоча, направена од материјал кој ќе трае уште најмалку милијарда години, со снимени клучни информации за човештвото и животот на Земјата.
На плочата, меѓу другото, се снимени звуци од китови и птици, песната на Чак Бери,
Johnny B. Good, но и Петтата симфонија од Бетовен. Поздравите до вонземјаните се снимени на 55 светски јазици.
Покојниот американски астроном Карл Саган, еден од водечките научници вклучени во проектот, го замолил својот син Ник, кој денес е 46-годишен, да го сними и својот глас.
„Ве поздравуваат сите деца од планетата“, вели момчето.
Вклучени се и 115 фотографии, меѓу кои и Големиот кинески ѕид, телескоп, залез на сонцето, слонови и мајмуни, возови и авиони, мајка која го дои своето дете...
„Војаџер 2“ бил лансиран две недели пред „Војаџер 1“ од космодромот Кејп Каравенал, а времето на лансирање било темпирано за да се совпадне со реткото порамнување на планетите, што се случува на секои 175 години.
На почетокот на проектот „Војаџер“ се соочувал со многу предизвици, од скромните пресметки до технолошките ограничувања од 70-тите години.
Еден проектен научник, на пример, ги замотал каблите на леталата со обична алу-фолија која се користи во домаќинствата, за да ги заштити од оштетувања во зоните со голема радијација.
Тогашниот американски претседател Ричард Никсон сакал да ја ограничи мисијата на 5 години, но научниците, за секој случај, сепак испланирале и подолга мисија.
„Таа вселенска двојка досега има испратено на Земјата фотографии кои ниту еден телескоп не можел да ги сними“, вели научникот Ален Камингс, кој на проектот работи од самиот почеток во 1973 година.
„Војаџер“, меѓу другото, ја сними површината на Јупитер и неговите огромни бури, ги откри првите активни вулкани надвор од Земјата, подземните океани на месечината Европа, покажа дека Титан, месечината на Сатурн, има најслична атмосфера со Земјата и дека на тритон, месечината на Нептун, има ледени гејзери.
Благодарение на „Војаџер“, повторно се пишуваа учебници по астрономија, а кога на патеката не останаа планети за фотографирање, Карл Саган ги свртил камерите кон Земјата.
Фотографиите на Земјата од „Војаџер“ биле снимени во 1990 година, кој тогаш бил 6,4 милијарди километри оддалечен од нашата планета. Земјата изгледала како зрнце прашина, помала од еден пиксел во вселенската шир.
„Сметам дека таа перспектива ја нагласува нашата одговорност да ја чуваме таа мала, сина точка, која е единствениот дом што го имаме“, изјавил Саган тогаш.
„Војаџер 1“ пред четири години го напушти Сончевиот Систем и се наоѓа во меѓуѕвезден простор на оддалеченост од 20 милијарди километри од Земјата. И неговиот брат-близнак е на тој пат, и е единственото вселенско летало кое поминало покрај сите четири надворешни планети на Сончевиот Систем.
Камерите веќе одамна не работат, но останатите пет инструменти кои секојдневно испраќаат податоци на Земјата сè уште функционираат.
Научниците очекуваат дека тоа ќе трае барем уште десетина години, додека им потрае плутониумот кој им е извор на енергија. „Сè уште е возбудливо“, вели Стоун. „Постојано откриваме нови работи затоа што тие патуваат таму каде што никој не бил.“