X
 28.03.2019 Живот

Планинари се искачувале на планина во Непал и сфатиле дека ги следи куче. Приказната е неверојатна

Дон Варговски е страстен планинар од Сиетл, САД, кој на почетокот од овој месец водел планинарска експедиција на истокот од Непал, во која учествувале планинари од целиот свет. Целта на експедицијата било искачување на Барунце на истокот од Непал, висина од околу 7.000 метри. Станува збор за искачување на кое планинарите треба да совладаат снежен терен со голем број препреки.

Со оглед на ледената клима, знаците на живот како вегетацијата сè помалку се појавуваат со приближувањето кон врвот. Затоа оваа група на планинари била изненадена кога на десеттиот ден, на висина од околу 5.000 метри, на експедицијата ѝ се придружило едно куче. Варговски брзо го препознал. Тоа било улично куче од село низ кое минале на својата рута.


Фото: Telegram

Не е познато како таа кучка, која подоцна ја нарекле Бару, успеала да се искачи до тоа место сосема сама. Не станува збор за лесен пат ни за искусни планинари со цела опрема, а не пак за куче кое се качува само со своите четири шепи. Кучката многу брзо им прираснала за срце на планинарите.

- Остана со нас во текот на целото патување. Беше навистина одлична во искачувањето, дури и многу подобра од нашите планинари - напиша Дон на својот блог.


Фото: Telegram

Дон ја презел грижата за Бару. Таа спиела во неговиот шатор и јадела од неговата храна.

- Иако имав ограничена количина храна, оброците ги делевме по пола - истакна Варговски.


Фото: Telegram


Фото: Telegram

Дон немал услови за да го однесе кучето во САД, иако сакал, а и знаел дека тоа е научено на друг начин на живот. Но, знаел и дека не сака да го остави повторно да живее само на улица.

На крајот еден од домашните планинари се понудил да ја удоми, па кучката останала со него во Непал, а Дон веќе ја испланирал посетата на својата неочекувана планинарска колешка наесен.


Фото: Telegram

Дон одлучил искуството да го сподели на својот блог, сакајќи да покаже како едно навидум неугледно суштество покажало издржливост, приврзаност и преданост каква што тешко се наоѓа.

- Не знам зошто таа кучка ме следеше на едно од најгрубите и најнеповолните места за престој на Земјава. Засекогаш ќе ѝ бидам благодарен за времето што го поминавме заедно - напиша тој.

Дон активно се вклучил и во грижата за кучињата што немаат сопственици.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот