X
 13.07.2018 Наша тема

Маријана од Прилеп го искачи Елбрус: За да стасате до врвот, потребна е кондиција, но најголемата борба е во главата

Таа се надева дека ќе биде четвртата Македонка што ќе го искачи Аконкагва, но освен нејзината упорност, психо-физичка подготвеност и желба, потребна ѝ е и поголема финансиска помош


Елбрус беше едно поинакво искачување, на секои 100 метри надморска височина имаше различни услови. Физичката подготвеност е неопходна, но најважна е состојбата на умот. Имаше планинари што претходно биле на таа висина и беа кондиционо спремни, но психички не беа подготвени и тоа ги одвлече од намерата да стапнат на највисоката точка во Европа, раскажува прилепчанката Маријана Ѓорѓиевска, која неодамна го виде Стариот Континент од неговата највисока точка - 5.642 метри надморска височина.

Маријана е член на планинарскиот клуб „Мамути“ од Прилеп. Неодамна таа, Владимир Јованоски од истиот клуб и уште двајца Македонци беа во Русија за да го искачат Елбрус и таа мисија беше успешно завршена, а Маријана стана првата прилепчанка што успеала да го дофати врвот на Европа. 



Целата експедиција траела 11 дена, од кои два биле потребни за транспорт до најблиското населено место во Кавказ, местото Терскол, кое се наоѓа на 2.200 метри надморска височина - рурална средина каде што се задржани сите рурални специфики и ја има задржано локалната храна.

- Првата аклиматизација ни беше на врвот Пикет 11, на 3.400 метри надморска височина, каде што се наоѓа Руската вселенска опсерваторија. По таа аклиматизација со жичница од Азау се сместивме во Гарабаши на 3.840 м н.в. каде што повторно работевме на аклиматизацијата. Наредните четири дена бевме посветени на добро приспособување на нашето тело на таа висина, имавме неколку аклиматизациски искачувања со најголема висина од 5.050 м н.в. На  1.07.2018 година во 1 часот по полноќ го започнавме крајното искачување. По 9 часа и 30 минути се најдов на највисоката точка на Европа, трета од мојата група, а прва од девојките. На врвот поминав околу половина час, но и тоа беше премногу со оглед на ветрот, направив неколку фотографии и почнав да се симнувам надолу осиромашена поради ветрот ми ги одвеа националното знаме и знамето од спонзорите, но побогата со енергија, прекрасни видици и желба за продолжување понатаму – објаснува Маријана.



Таа додава дека симнувањето траело многу пократко, точно 2 часа и 25 мин., земајќи предвид дека околу 800 метри надморска височина симнала лизгајќи се.

- Целиот ден бев околу 12 часа на нозе – вели храбрата прилепчанка.


Маријана е член на планинарскиот клуб „Мамути“ од Прилеп

За да се стаса до врвот, потребна е голема физичка подготвеност. Но, огромна улога игра и состојбата на умот.

- Елбрус беше едно поинакво искачување од сите претходни. Беше одлично доживување и добра лекција. Првпат на таа висина, условите се различни на секои 100 метри надморска височина, потребата од кислород и одмор се зголемува. Физичката подготвеност и кондицијата се неопходни, но најголемата борба при искачување на Елбрус се случува во главата. Психичката подготвеност и желбата да го искачиш врвот се најбитни. Видов планинари што претходно биле на таа висина и беа физички и кондиционо спремни, но нивната психичка неподготвеност ги премисли и ги одвлече од намерата да стапнат на највисоката точка на Европа. Беше предизвик за кој бев подготвена – раскажува Маријана.


Веќе седум години таа редовно оди на планинарски тури

Опис за чувствата што ве обземаат- нема.

- Тоа е неописливо, нема зборови со кои може да се опише – само треба да се доживее – возбуда, среќа помешана со солзи, моќ, енергија... прекрасни чувства – истакнува Маријана.



Семејството, клубот, родниот град и сите познајници – Маријана добивала поддршка од сите. Вели дека тоа ја одржувало и бескрајно им е благодарна. За љубовта кон планинарењето се виновни нејзините најблиски, дедо ѝ и татко ѝ, кои многу често ја носеле на Селечка Планина. Откако дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје и се вратила во родниот град, Маријана решила да ѝ се посвети на детската љубов – планинарењето. Веќе седум години таа редовно оди на планинарски тури, некогаш и по 3-4 пати во текот на неделата.



- Досега немам освоено ниту еден врв бидејќи во принцип врвовите ме освојуваат мене, а јас само привремено ги посетувам или ги искачувам  - скромно одговара Маријана.

Секое искачување ѝ носи нова убавина и ѝ е убаво на посебен начин. Нормално, има и определена мака, но тоа се слатки маки кои се забораваат по остварувањето на зацртаната цел или по успешното завршување на конкретната тура. Енергијата што ја добиваш по секоја планинарска тура е посебна и од неа стануваш зависен, вели Маријана и додава дека тоа е она што ја тера повторно и повторно да им се враќа на планините. Неколку дестинации се на листата со омилени искачувања на Маријана.



- Можам да ги издвојам искачувањата на Кораб – таа ми е омилена планина во Македонија, потоа Боботов Кук во Црна Гора, Маја Језерце на Проклетије беше едно од најадреналинските искачувања, Полукс во Италија беше првото искачување со техничка опрема и по интересна ферата, убавите пејзажи од Мала, Средна и Голема Тодорка нема да ги заборавам итн. – набројува таа.



Планинарењето, сепак, со себе носи и ризици и потребна е голема внимателност и присебност за да не се случи нешто непосакувано. Маријана досега немала посериозни проблеми на планина, но била сведок на неколку и секогаш се трудела да реагира трезвено и смирено.

- Досега не сум имала сериозни проблеми на планина бидејќи се трудам да одам колку што можам побезбедно, ги слушам препораките на водичот и поискусните планинари и не брзам. Тоа, според мене, е суштината на успешното и безбедно одење во планина – трпението е клучно за остварување на зацртаната цел. Сум видела неколку ризични ситуации кои се случувале околу мене, се трудам да реагирам трезвено и доколку можам да помогнам, помагам – истакнува Маријана.



Ја прашавме и за состојбата на планинарството во нашата земја. Според неа, планинарството и високогорството, па и алпинизмот во Македонија во моментов го доживуваат својот ек и се во континуиран подем. Смета дека тоа е добро бидејќи сѐ повеќе и повеќе граѓани, од сите возрасти, излегуваат во природа – но, од друга страна, е лошо бидејќи сѐ повеќе и повеќе неискусни и недоволно спремни хоби-планинари преземаат ризични чекори и го доведуваат својот живот и животот на преостанатите во групата во ризик.



- Планинарството е индивидуален, но истовремено и тимски спорт. Секој е одговорен за себе и за сопствената безбедност, но истовремено одговара и за безбедноста на сите членови од групата. Потребна е поголема поддршка прво од самите себе, а потоа од другите субјекти, особено од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија – на која ѝ се потребни коренити промени и поддршка од сите активни клубови без оглед дали се нејзини членови или не – порачува Маријана.



Оваа храбра прилепчанка се стреми кон многу врвови. На нејзината листа за оваа година се највисоките врвови, на Словенија – Триглав, на Австрија – Гросглокнер и на Германија – Жугшпиц. Со нејзиниот клуб напоредно се движат и низ Македонија, а можеби ќе има и некоја тура на Балканот.

- Следен посериозен проект ми е Аконкагва – највисокиот врв на Јужна Америка со висина од 6.962 м н.в. и со услови слични на оние од Еверест. Аконкагва претставува еден од седумте светски сумити и е втор по височина по Еверест. Досега од Македонија се имаат искачено мал број луѓе, од кои само три се жени – вели Маријана.



Таа се надева дека ќе биде четвртата Македонка што ќе го искачи овој врв, но освен нејзината упорност, психо-физичка подготвеност и желба, потребна ѝ е и поголема финансиска помош.

Иако сите мислат дека не е скап спорт и дека ви се потребни само ранец и патики, со едноставно пребарување на интернет може да се види дека за планинарењето се потребни многу повеќе пари, особено ако станува збор за опрема за високогорски акции. На пример, скромните чизми за планинарење чинат околу 600-700 евра, јакните се по 800-900 евра, а потребни се и квалитетни панталони, како и техничка опрема.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема