X
 31.07.2021 Живот

Куче со специјална улога во суд - ги смирува жртвите

Човек со лисици седи на клупа и чека да излезе пред судија. До судницата го спроведуваат двајца полицајци од затворот во близина. За тоа време, мајката и нејзините две ќерки разговараат со адвокатот за да поработат на стратегијата за појавувањето на судот во нешто што личи на непријатна бракоразводна парница. Тоа е сцена која е вообичаена во судниците низ Франција, освен еден детаљ.

Главниот обвинител во овој дел од Југозападна Франција низ ходниците на судот се шета во правничка облека со преубав, строен, ама мускулест црн лабрадор. Уморните адвокати и вработени во судот брзо излегуваат од канцелариите да го погалат 5-годишното куче Лол.

Пред две години Лол стана првото куче во Европа што им дава поддршка на жртвите на злосторства, особено на оние што претрпеле насилство или сексуална злоупотреба. Тој ја знае судската зграда подобро од кој било повеќекратен престапник.

Обвинителот Фредерик Алмендрос слушнал за сличен експеримент во Сиетл и одлучил да го проба и во овој суд.

Овој лабрадор е обучен да остане смирен во друштво на непознати луѓе и мали деца. Може да излезе на крај со напнати, бучни и емотивни ситуации, како што е вкрстено испрашување, кога расплакана жртва на силување се соочува со напаѓачот.

- Откако ќе го проучам случајот, барам помош од кучето ако верувам дека неговото смирувачко присуство ќе им помогне на жртвите да се отворат во врска со она што се случило или дури кога мораат само да сведочат на суд. Кучето кое седи покрај нив на суд често им помага на жртвите да се изборат со стресот што им го создава судењето - вели Алмендрос.

Лол досега се појавил на 80 различни кривични истраги со жртви на возраст од 3 до 90 години.



Алексија Месте го води локалниот оддел на националната добротворна организација „Француски жртви“. Таа и нејзините колеги, заедно со социјалните работници и правниците, им помагаат на до 600 луѓе годишно, од кои многу се жртви на семејно сексуално насилство.

- Лол е обучен да се привие до жртвите, а физичкиот допир ги смирува и им помага да се соочат со правните предизвици што ги чекаат - вели таа.

На почетокот адвокатите биле скептични, но сега сами бараат интервенција од Лол кога мислат дека може да им помогне во случајот. Програмата се покажала толку успешна во последните две години, што Лол бил позајмуван и во други француски судови. Некои од нив сега имаат свои кучиња, а се очекува до крајот на годината 20 француски судски јурисдикции да имаат куче.

Засега кучињата на суд немаат официјален правен статус, но една парламентарка, заедно со 20 нејзини колеги, во парламентарна процедура внела предлог-закон со кој на животните би им се доделил судски статус врз основа на тоа што им помагаат на жртвите. Ако предлогот стане закон, ќе се обезбедат и финансии, кои се многу потребни со оглед на тоа дека обуката на Лол чинела 17 илјади евра и траела 11 месеци.

Извор и фотографии: BBC
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот