Фамилија на младо момче со мозочна смрт се согласило неговите органи да бидат донирани и дала шанса на две млади лица што биле на дијализа да живеат посреќно и подолго. Министерот за здравство Беким Сали објави дека утринава завршила втората трансплантација на бубрег, а биле експлантирани и коскени ткива.
- Во раните утрински часови на Клиниката за урологија заврши втората од двете трансплантации на бубрег, откако во саботата доцна во ноќта семејството на младо момче со мозочна смрт даде согласност за донирање на органите. Покрај бубрезите, екипата на Клиниката за ортопедија направи експлантација и на коскени ткива - соопшти министерот.
Ова е уште еден од низата хумани гестови во последниве години направени од фамилија на лице со мозочна смрт. Министерот изрази благодарност до семејството и истакна дека уште неколку пациенти со малигни болести и трауматски повреди што се лекуваат на Клиниката за ортопедија, во наредните недели ќе добијат можност да им бидат имплантирани здрави коскени ткива
- Благодарност до семејството кое во најтешките моменти одлучи да помогне и да спаси друг живот. Сочувствуваме со нивната болка, ја почитуваме нивната одлука и благодариме за тоа што го направија. Двајца млади пациенти со болест на бубрезите кои беа на дијализа добија шанса за нов живот. Уште неколку пациенти со малигни болести и трауматски повреди кои се лекуваат на Клиниката за ортопедија во наредните недели ќе добијат можност да им бидат имплантирани здрави коскени ткива. Огромна благодарност за националниот координатор за трансплантација, д-р Маја Мојсова-Мијовска, болничките координатори кои го водеа целиот процес во овие два дена, како и медицинскиот персонал на клиниките за урологија, нефрологија, трансфузиологија, КАРИЛ, ортопедија, кардиологија, кардиохирургија, рендген кои пожртвувано дадоа огромен придонес во целиот овој процес - напиша Сали на неговиот профил на „Фејсбук“.