X
 14.03.2024 Здравје

Дали трансплантацијата на органи ја менува личноста на примателот?

Д-р Мичел Б. Листер, за порталот „Психологија денес“ претставил приказна за искуството на пациент со сериозна болест. На 45-годишна возраст на Клер Силвија, вешта танчарка, ѝ била дијагностицирана примарна пулмонална хипертензија, ретка состојба која се карактеризира со висок крвен притисок во белите дробови.

Не постои лек за оваа болест, која предизвикува зголемување на десната страна на срцето и исцрпувачки симптоми, како што се отежнато дишење и замор, освен трансплантација на срцето и на белите дробови. Како што состојбата на Клер се влошувала, трансплантацијата станала нејзината единствена шанса за преживување.

По три години, Клер ја добила веста за донаторот - 18-годишен маж кој загинал во сообраќајна несреќа со мотор. Таа била подложена на историска процедура во болницата „Јеил-Њу Хевен“, со што станала првата во Нова Англија (регион во САД) на која ѝ биле трансплантирани срце и бели дробови.

Неочекувани промени

По операцијата Клер доживеала неочекувани промени. Таа признала дека копнеела по пиво, иако претходно не ѝ се допаѓал овој пијалак. Ова ја навело да се запраша дали особините на нејзиниот донор влијаеле врз нејзините преференции. Почнала да сака и нови вкусови, особено зелени пиперки и брза храна, а забележала и промени во нејзината личност, чувствувајќи се помалку осамена и посигурна.

Значајна пресвртница се случила кога Клер сонувала човек по име Тим чувствувајќи длабока поврзаност со него. Години подоцна таа открила некролог што одговара на описот на нејзиниот донатор - 18-годишниот Тим, кој починал во несреќата.

Може ли спомените да се складираат во други органи?

Приказната на Клер не е единствена. Невропсихологот Пол Пирсал документирал слични случаи сугерирајќи дека промените на личноста кај примателите на органи ги пресликуваат особините на нивните донатори. Последователните истражувања, вклучувајќи ги и студиите на д-р Мичел Б. Листер и колегите, дополнително ги поддржуваат овие феномени.

Иако се тврди дека сеќавањата се наоѓаат исклучиво во мозокот, новите докази посочуваат дека спомените може да се складираат и во други органи. Ова поставува прашања во врска со складирањето на меморијата, формирањето на личноста и импликациите за примателите на трансплантација на органи.

Потребни се понатамошни истражувања за да се разбере оваа сложена динамика, помагајќи им на примателите да се приспособат на нивните нови органи и фрлајќи светлина врз мистериите на меморијата и личноста.

Извор: Krenizdravo.dnevnik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје