Короната ги научи да бидат подобри лекари и подобри луѓе, а со првата трансплантација на срце испратија силна порака дека кога работиме заедно, кога сите се на иста страна, во Македонија и невозможните работи стануваат возможни
Д-р Маја Мојсова-Мијовска, раководител на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување - КАРИЛ и национален координатор за трансплантација на органи и ткива, зборува за предизвиците со кои минатата година се бореа здравствените работници, соочени со кризата предизвикана од коронавирусот, но и за првата трансплантација на срце, која беше изведена во екот на првиот бран од пандемијата. Таа лани ја доби и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје. Д-р Мојсова-Мијовска вели дека короната ги научи да бидат подобри лекари и подобри луѓе, а со првата трансплантација на срце испратија силна порака дека кога работиме заедно, кога сите се на иста страна, во Македонија и невозможните работи стануваат возможни.
Знаењето не треба да се чува, туку да се дели
- Годината што измина беше многу тешка за сите нас, а не само за здравствените работници. Се соочивме со големи предизвици и тоа не само ние овде, туку и лекарите и медицинскиот персонал во целиот свет, бидејќи Ковид-19 е нова и непозната болест која донесе со себе многу непознати, почнувајќи од тоа како да ги лекуваме луѓето, колку е заразна и трансмисивна болеста, како да се заштитиме и како луѓе и како здравствени работници. Во средината на март кога почна пандемијата, одлучивме да запреме со програмата за трансплантација на органи бидејќи не знаевме многу за вирусот и за тоа како треба за да ги заштитиме и оние што даруваат органи и оние што ги примаат органите - вели д-р Мојсова-Мијовска.
Д-р Мојсова-Мијовска на координативен состанок со нејзиниот тим: д-р Весна Дурнев, д-р Билјана Андоновска и Адријана Георгиев
Таа раскажува дека два месеца подоцна работите веќе биле појасни, здравствени работници од КАРИЛ биле вклучени во работата на ковид-центрите во лекување на ковид-болните, а во мај се случи и првата трансплантација на срце во Македонија.
- Само од КАРИЛ беа пратени 49 лекари и медицински сестри во ковид-центрите за да помогнат во третманот и лекувањето на болните, а паралелно со тоа се работеше и во Одделот на единицата за интензивна нега на КАРИЛ. Во даден момент се случи да имаме пациент во мозочна смрт погоден за донор на органи. Во координација со семејството на донорот и со министерот за здравство Венко Филипче, решивме да ја направиме трансплантацијата и тоа не само во делот на бубрези за што имавме искуство, туку и да направиме трансплантација на срце, нешто за што се подготвуваме месеци наназад. Тоа беа тешки, смели, но и ризични одлуки, кои требаше да се донесат. Разговаравме со семејството на дарителот и по добиената согласност за донирање органи, ги започнавме подготовките за трансплантацијата. Во координација со министерот Филипче ги направивме тимовите за трансплантација, во кои покрај лекари од јавното здравство беа вклучени и лекари од приватните болници. Се направи мултидисциплинарен тим, кој успешно ја направи првата трансплантација на срце во земјава. Покрај срцето, се трансплантираа и два бубрега и целата постапка од прогласување на мозочна смрт и добивање согласност од семејството, до трансплантацијата на вториот бубрег, траеше околу 24 часа и заврши добро. Сите тројца пациенти постоперативно беа добри и тоа за нас беше најважно во тој момент. Го направивме првиот чекор. Најтешкиот - вели д-р Мојсова-Мијовска.
Да се трансплантира срце, беше смело и ризично, но беше вистинска одлука во вистинско време / Д-р Мојсова-Мијовска со Иван неколку дена по трансплантацијата на срце
Таа додава дека сето ова се случи благодарение на членовите на семејството на младата жена, кои се најголемите херои, кои решиле да ги донираат органите.
- Да се донира орган од близок, во моменти кога го губите неговиот живот, е најблагородното и највисоко чувство на човечност што може да се направи. Да одлучите да дадете живот некому во моменти на болка, е над секое чувство. Тоа е достојно за почит. Министерот Филипче покажа дека води сектор кој е подготвен за најголеми предизвици. Токму вербата во тој систем и колегијалноста е нешто што ќе го паметам цел живот. Во услови на нова и сериозна во светски размери пандемија, кога имаше и многу заразени и болни, успеавме да ја направиме првата трансплантација на срце - вели д-р Мојсова-Мијовска.
Соработката со Турската интернационална фондација за трансплантација започна лани со нивната посета на хируршките клиники
Eмоциите пред трансплантација биле големи, како и неизвесноста пред и за време на операциите и постоперативно. Тоа се чувствувало кај сите што биле дел од трансплантацијата, но според д-р Мојсова-Мијовска, претходните подготовки, стручноста и професионалноста на сите придонеле трансплантацијата да биде успешна.
- Со оваа соработка во полето на трансплантацијата пративме добра порака дека знаењето не треба да се чува, туку треба да го делиме и да го пренесуваме за да може да постигнеме и други убави работи. Оваа порака најмногу допре до граѓаните и тоа ни покажа каков став да заземеме за органодарителството. Таа енергија на соработка и на помагање беше многу важна и за нас лекарите и за јавноста - раскажува д-р Мојсова-Мијовска.
Јавното здравство располага со ресурите потребни за да се направат трансплантации на срце, црн дроб, бубрези и коски и коскени ткива
Имавме уште едно донирано срце, не немаше кој да го прими
Според д-р Мојсова-Мијовска, иако лани се направени помалку трансплантации во споредба со другите години, тие се многу значајни и поради условите во кои се направени, бидејќи при нова непозната болест се прават и дополнителни проверки дали се во добра здравствена состојба и тие што ги даруваат, но и тие што ги примаат органите.
- Лани летото трансплантиравме уште два бубрега пред да почне вториот силен бран на Ковид-19. Тогаш и покрај тоа што имавме срце, за жал, немаше кој да го прими. Ова се навистина комплексни одлуки бидејќи не секој може да биде донор, ниту пак примател на срце. Покрај овие, од септември, имавме и осум трансплантации на бубрези од сроден дарител. Ако претходно сме имале недоумици како тоа ќе го изведеме, ова ни покажа дека можеме да работиме трансплантација успешно како и нашите соседи. Тој 23 мај ќе го паметам цел живот бидејќи сите бевме на иста страна во Македонија - вели д-р Мојсова-Мијовска.
Таа додава дека корона-кризата, за жал, ја запрела соработката на земјава со земјите-членки на Еуротрансплант, пред сè, со Словенија и Хрватска.
Работен состанок со претставници на Турската интернационална фондација за трансплантација и тимот на болнички координатори
- Сега сме во фаза на чекање официјализација на тие договори. Требаше да се потпише основен договор за едукација и тренинг, наши лекари да се едуцираат во одредени области, а потоа преку овие две земји да се вклучиме и во размената на органи. Во февруари лани преку Еразмус-програмата требаше наши лекари да одат на едукација и тренинг во Турција, но за жал и тоа не се оствари поради пандемијата на коронавирусот. Се надевам дека оваа година таа соработка ќе продолжи - вели д-р Мојсова-Мијовска.
Годинава планираат да продолжат со работа на програмата за трансплантација на органи и ткива, а веќе со нејзиниот тим работат на организација на трансплантацијата на црн дроб и на трансплантацијата на коски и коскени ткива.
- Заедно со колегите од Клиниката за дигестивна хирургија и од Клиниката за гастроентерохепатологија ги работиме протоколите за трансплантација на црн дроб, а со Клиниката за ортопедија работиме на проектот за банка на коскени ткива, која е предуслов за развој на трансплантација на коски и 'рскавица. Со Клиниката за кардиохирургија ги работиме протоколите за трансплантација на валвули од срце. Регистарот на пациенти на кои им е потребна трансплантација на бубрези е веќе направен, годинава ќе го работиме и софтверот за листите за трансплантација на срце и на црн дроб, кои ги има во Министерството за здравство - вели д-р Мојсова-Мијовска.
Малку персонал, многу излекувани
На КАРИЛ годинава, како што објаснува д-р Мојсова-Мијовска, се аплицирани 7.751 анестезија, од кои 2.000 се на пациенти што биле во животозагрозувачка состојба, а останатите се елективни операции и интервенции.
- Освен болни од Ковид-19, на КАРИЛ лани излекувавмe 500 критично болни пациенти од различна патологија. Кај 27 од нив дополнително беше утврдено присуство на вирусот. КАРИЛ не застана со работа во периодот на ковид-кризата. Одделот за интензивно лекување беше отворен за нови пациенти цело време, а од септември со повторно воведување на редовната хируршка програма се вративме и во операционите сали. Менаџирањето на состојбата бара ангажман на дневно ниво бидејќи мора да им направиме тријажа и да ги одделиме позитивните од негативните пациенти. Може да се случи тестот да е негативен, а по приемот да се развијат симптомите и тоа бара почитување на протоколите за да не се заразиме ние и да ги заштитиме и пациенти што немаат Ковид-19 - додава д-р Мојсова-Мијовска.
Според неа, дополнителен кадар на КАРИЛ, како анестезиолози и медицински сестри, постојано е потребен. Во моментов во оваа установа работат 32 специјалисти и 23 специјализанти.
Благодарност до семејството на Емилија Динева
- Со овој број лекари покриваме шеснаесет операциони сали, амбулантска анестезија на клиниките, три интензивни неги, на Клиниката за неврохирургија, одделот на КАРИЛ и интензивната нега на Детска хирургија. Со толку малку персонал работиме и со ковид-болни и паралелно лекуваме и други болести. За мене е важно јавноста да знае дека годинава вработените на КАРИЛ дадоа сè од себе и многу повеќе. Персоналот во ниту еден момент не ротираше во смени, туку работеше за целиот период на пандемија. За нас одмори немаше, ниту стари ниту нови - вели д-р Мојсова-Мијовска.
Не сте сами
Таа годинава посакува што поскоро да заврши пандемијата за да може да се посветиме на поубави работи, да се развијат нови проекти, да бидеме подобри луѓе со повеќе човекољубие.
- Пред сè, посакувам сите да бидеме здрави. Годината што измина, колку и да беше лоша, нè научи многу, нè направи поумни, подобри лекари и подобри луѓе. Мојата порака до сите е: Ние сме тука за вас. Не сте сами. Ве молам однесувајте се одговорно и почитувајте ги протоколите. Помогнете ни за да можеме да ви помогнеме и ние - порачува д-р Мојсова-Мијовска.
Фото: Приватна архива