Меѓународен тим од астрономи откри 49 нови галаксии богати со гас, со помош на радиотелескопот„Мир КАТ“, во Јужна Африка.
Д-р Марцин Гловацки од Универзитетот „Кертин“, во рамките на Меѓународниот центар за истражување на радиоастрономијата во Западна Австралија, го предводел истражувањето чија цел била да го проучува гасот што формира ѕвезди во една радиогалаксија (галаксија со џиновски региони на радиоемисија кои се протегаат далеку од нејзината видлива структура). Иако тимот не нашол никаков гас што формира ѕвезди во галаксијата што ја проучувал, д-р Гловацки открил други галаксии додека ги испитувал податоците.
Гасот бил детектиран на дури 49 галаксии. Д-р Гловацки рекол дека ова било одличен пример за тоа колку е фантастичен инструментот „Мир КАТ“ за пронаоѓање на гасот што формира ѕвезди во галаксиите. Набљудувањата, кои траеле помалку од три часа и биле олеснети од Интеруниверзитетскиот институт за интензивна астрономија на податоци, го овозможиле ова откритие.
- Не очекував дека ќе најдам речиси 50 нови галаксии за толку кратко време. Со имплементирање различни техники за пронаоѓање галаксии, кои се користат за други истражувања на „Мир КАТ“, успеавме да ги откриеме сите овие галаксии и да ја откриеме нивната содржина на гас - истакнал научникот.
Новите галаксии неформално го добиле прекарот „49-ки“, референција за копачите на злато во Калифорнија од 1849 година. Д-р Гловацки гледа на 49. нови галаксии како на вредни златни грутки на небото. Многу галаксии се блиску една до друга, формирајќи групи, при што неколку се идентификувани во една опсервација.
Три галаксии се директно поврзани од нивниот гас. Д-р Гловацки истакнал:
- Овие три се особено интересни бидејќи со проучување на галаксиите на други бранови должини на светлината откривме дека централната галаксија формира многу ѕвезди. Веројатно зема гас од другите галаксии за да ги „храни“ своите ѕвездени формации, па процесот може да доведе до тоа другите две да станат неактивни.
Извор: Phys.org
Фото: Freepik